во ,

ЕФА бара извинување од Бугарија за третманот на македонското малцинство

Европската слободна алијанса со едногласно усвоена декларација побара од Бугарија формално да се извини за злосторствата и политиките на асимилација врз македонското малцинство за време на комунистичкото владеење. Во документот се наведува дека прашањето за Македонците во Бугарија не е само билатерален спор, туку сериозно прашање за човекови и малцински права во рамките на Европската унија.

Супер Попуст -25%

ЕФА, која обединува европски партии што застапуваат региони, малцинства, народи без држава и движења за поголема самоуправа, бара Бугарија да ги исполни своите правни обврски како земја членка на ЕУ. Посебно се посочуваат предметите пред Европскиот суд за човекови права поврзани со правото на регистрација на македонски организации во Бугарија.

Според декларацијата, Бугарија продолжува да не признава македонско малцинство, додека македонските организации со години се соочуваат со пречки при регистрација. ЕФА оценува дека ваквата состојба ја става македонската заедница во една од најсериозните кризи на човековите права во рамките на ЕУ.

Барање за извинување и признавање на страдањето

Во документот се наведува дека Бугарија треба да го признае страдањето на илјадници Македонци кои биле изложени на притисоци, казнувања, затворања, присилно раселување и други форми на репресија поради изразување на сопствениот етнички идентитет.

ЕФА оценува дека денешното негирање на македонското малцинство е продолжение на политиките на денационализација од времето на комунистичкиот режим на Тодор Живков. Во декларацијата се потсетува дека уште во шеесеттите години негирањето на македонското малцинство било дел од пошироката политика за создавање „единствена бугарска социјалистичка нација“.

Алијансата предупредува дека слична реторика се слуша и денес од дел од современите бугарски политичари. Според ЕФА, пораката дека Македонците во Бугарија „не смеат и не можат да постојат“ директно го нарушува правото на самоидентификација.

Европскиот суд и правото на здружување

ЕФА бара Бугарија да ги спроведе предметите што се однесуваат на македонското малцинство, а кои се поврзани со пресуди и постапки пред Европскиот суд за човекови права. Клучното прашање е правото на здружување и регистрација на македонски организации во Бугарија.

Алијансата предупредува дека Бугарија се обидела да го намали меѓународниот надзор врз овие случаи, барајќи предвремено затворање на мониторингот. Според ЕФА, таков потег би го поткопал кредибилитетот на европскиот систем за заштита на човековите права.

Во декларацијата се отвора и прашањето за невклучувањето на македонски претставник во Националниот совет за соработка за етнички и интеграциски прашања во Бугарија. ЕФА смета дека без застапеност нема вистински дијалог, ниту реална заштита на правата на заедницата.

ЕФА ја повикува ЕУ да ја повика Бугарија на одговорност

Европската слободна алијанса оценува дека ЕУ не смее да применува двојни стандарди кога станува збор за малцинските права. Според декларацијата, земјите кандидатки се соочуваат со строги услови, додека земјите членки не секогаш се повикуваат на одговорност за истите принципи.

Во документот се наведува дека Македонија е ставена во позиција да го брани сопственото постоење преку рамка наречена „решавање на билатералните односи“. Според ЕФА, проблемот станува уште посериозен кога соседна држава го претставува македонскиот идентитет како „идеологија“.

Алијансата предупредува дека условувањето на европскиот пат со прашања што го допираат идентитетот на еден народ претставува опасен преседан. Затоа бара ЕУ јасно да ја повика Бугарија на одговорност и да инсистира на почитување на човековите и малцинските права.

Членки на ЕФА се и ОМО Илинден-Пирин од Бугарија и Македонската алијанса за европска интеграција од Албанија. Тие со години го отвораат прашањето за положбата на Македонците надвор од Македонија и бараат европските институции да не го третираат ова прашање како споредна тема.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зеленски бара Украина да не падне во сенка на кризата со Иран

Трамп најавува моќен договор со Иран, Блискиот Исток сè уште врие