во ,

Илон Маск има план да го „затемни“ Сонцето, научниците велат дека е лудост

Американскиот милијардер Илон Маск изнесе ново и контроверзно решение за климатската криза – мрежа од сателити на соларен погон кои би можеле да ја „контролираат количината на енергија“ што стигнува до Земјата.

Иако идејата звучи футуристички, голем број научници предупредуваат дека таквиот проект би можел да има „катастрофални последици по планетата“.

Бурни реакции на јавноста

Во објава на платформата Икс (поранешен Твитер), Маск рече дека „соларна констелација од сателити, водени од вештачка интелигенција, би можела да ја прилагодува количината на сончева светлина што стигнува до површината на Земјата“.

Неговата објава предизвика бурни реакции. Еден корисник скептично прокоментира: „Значи, сега вештачка интелигенција ќе одлучува колку сончева светлина добиваме? Што би можело да тргне наопаку?“. Други ја критикуваа идејата тврдејќи дека никој – поединец, компанија или влада – „нема право да си игра со светската клима“.

„Кршлив климатски систем“

Идејата на Маск потсети многумина на епизода од „Симпсонови“, во која господинот Барнс го блокира Сонцето за да ги натера жителите на Спрингфилд да користат струја од неговата нуклеарна централа.

Лили Фуир, директорка во Центарот за меѓународно еколошко право (CIEL), ја нарече идејата „високо шпекулативна“. „Сончевиот геоинженеринг е непредвидлив и би можел дополнително да го дестабилизира веќе кревкиот климатски систем. Ако некогаш се примени, би било речиси невозможно да се запре без ризик од нагли температурни скокови“, предупреди таа.

„Доволни се мали корекции“

На прашањето како сателитите би обезбедиле прецизни промени во сите делови на светот, Маск одговорил: „Доволно е да се направат мали корекции за да се спречи глобалното затоплување – или глобалното ладење“.

Сепак, тој признал дека премногу блокирана сончева светлина може да доведе до нагло ладење и претворање на Земјата во „снежна топка“. „Грешката би имала несогледливи последици“, додал тој.

„Ефекти глобални, но нееднакви“

Експертите предупредуваат дека ова не е само прашање на температура. „Намалувањето на сончевата светлина влијае и на фотосинтезата – основата на животот. Дури и намалување од 1-2% може да го уништи глобалното земјоделство и производството на кислород“, предупреди Рам Бен Зеев, писател од Шкотска.

Професорката Семи Базард потсети дека веќе постои проверен метод за борба против климатските промени – декарбонизацијата. „Наместо да трошиме енергија на ризични експерименти, треба да се фокусираме на намалување на емисиите на јаглерод-диоксид“, заклучи таа.

Сподели:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Запознајте го „чуварот на имотот“, раса постара од 13 век

Русите направија „вечна“ пластика од растенија што сама се распаѓа