Со 66 гласа „за“ и 49 „против“, Собранието на Косово ја избра третата влада на Албин Курти и го отвори новиот политички циклус со јасна поделба во салата.
Изборот се случи на синоќешна вонредна седница, по која Курти и членовите на неговиот кабинет положија заклетва пред пратениците. Воздржани немаше, што дополнително ја нагласи линијата меѓу власта и опозицијата во момент кога Косово влегува во нов мандат со очекувања за институционална стабилност, но и со најави за остри политички судири.
Против новата влада гласаа пратениците на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово, Српска листа и Алијансата за иднината на Косово. Во расправата што следуваше по експозето, дел од опозицијата даде сигнали дека ќе соработува околу државни теми, но истовремено испрати и јасни пораки дека ќе ја оспорува политиката на новиот кабинет.
Опозицијата најавува услови, резолуции и марш на 17 февруари
-
Јога шимпанзо
699 ден
524.25 ден
Лидерот на ДПК, Бедри Хамза, порача дека на првата редовна седница ќе побара усвојување резолуција со која се бара правично и непристрасно судење, според меѓународните стандарди и со почитување на човековите права, за обвинетите во Хаг. Тој повика на целосна поддршка за резолуцијата и ги повика лидерите да учествуваат на протестниот марш на 17 февруари, како знак на поддршка за поранешните лидери на ОВК на кои им се суди.

Хамза истакна дека неговата партија ќе настапи со државничка логика кога станува збор за големи теми, како избор на претседател и ратификација на меѓународни договори, нагласувајќи дека консензусот не е слабост туку одговорност. Во исто време, тој го критикуваше експозето на Курти како текст со повеќе ветувања отколку реална финансиска основа.
Претседателот на ДСК, Љумир Абдиџику, порача дека партијата ја прифаќа улогата во опозиција, но ќе биде подготвена за институционална соработка околу теми што ја надминуваат „парламентарната аритметика“. Неговата порака беше дека стабилноста се гради со зрелост и почитување на опозицијата, затоа што демократијата не е само бројка, туку и политичка култура.
Критики за „преголем кабинет“ и спор околу српското претставување
Од ААК, Бесник Тахири го нападна составот на кабинетот, оценувајќи дека изгледа како приспособување на власта за туркање партиска агенда. Дополнително, тој го проблематизираше бројот на министри и праша дали е оправдано Косово да добие толку голем кабинет, споредувајќи ја неговата „големина“ со многу поголеми држави.
Од Српска листа, Игор Симиќ порача дека нема да го поддржат формирањето на владата и ја обвини претходната извршна власт за кршење на правата на српскиот народ. Во своето обраќање истакна дека нивната политичка позиција не е насочена против албанскиот народ, туку против политики што, според нив, водат кон притисок и иселување. Како дополнителна точка на спор, тој реагираше и на предлогот Ненад Рашиќ да биде министер за заедници и враќање, тврдејќи дека таков избор не може да се претстави како автентично претставување на Србите.
Седницата за избор на владата се одржа по конститутивната седница на која беше инаугуриран 10-тиот состав на Собранието на Косово, избран на изборите на 28 декември. Со ова, Косово формално доби нова извршна власт, но и јасна најавa дека следниот период ќе биде обележан со силен парламентарен притисок, особено околу темите поврзани со Хаг, меѓуетничките односи и внатрешната политичка легитимност


