
Царини од 15 до 50 проценти за американски производи
Новите дополнителни давачки што ги воведе Отава се движат во интервал од 15 до 50 проценти и директно ќе ги погодат американските извозници. Мерките на канадската влада предводена од премиерот Марк Карни опфаќаат челични и алуминиумски производи, како и млечни преработки, додека од првичната листа пред самото стапување во сила биле изземени одредени морски плодови. Овој потег претставува реципрочен одговор откако пред нешто повеќе од две недели стапија во сила американските царини од 50 отсто за канадски алкохолни пијалаци, млечни производи, шперплочи и хокеарски стапови, по пропаднатите преговори во текот на август.
Трамп се закани на „Бомбардиер“, компанијата со остар демант
-
Јога шимпанзо
699 ден
524.25 ден
Најавата за канадските контрамерки веднаш предизвика бурна реакција кај американскиот претседател Доналд Трамп, кој отвори нов фронт насочен кон воздухопловната индустрија. Трамп преку својата социјална мрежа „Truth Social“ се закани со целосна блокада на продажбата на авиони од реномираниот канадски производител „Бомбардиер“ на американскиот пазар доколку компанијата не ги пресели своите производствени капацитети во САД.
„Ако го сакаат нашиот пазар, мора да произведуваат тука“, напиша Трамп, вршејќи директен притисок врз канадскиот гигант со седиште во провинцијата Квебек.
Од „Бомбардиер“ експресно реагираа на заканите од Белата куќа, нагласувајќи го својот огромен придонес во американската економија. Од компанијата потенцираа дека преку своите операции во САД обезбедуваат десетици илјади работни места за американските граѓани, додека кај локалните добавувачи на годишно ниво трошат над 2,5 милијарди долари, што јасно покажува дека евентуалните блокади ќе предизвикаат сериозни штети на двете страни од границата.


