
Домашните рибни стапчиња можат да бидат брз, вкусен и едноставен ручек што лесно се подготвува, а уште полесно ги освојува и најмладите на трпезата.
За време на пости, рибата е чест избор во многу домови, а токму затоа ваквите рецепти стануваат уште попрактични. Наместо купечки варијанти, со неколку основни состојки може да се направат домашни рибни стапчиња што имаат одличен вкус и убава крцкава текстура.
-
La Linea v2
699 ден
524.25 ден
За овој рецепт потребни се 500 грама исчистен ослич, но може да се искористи и друга риба по избор. Дополнително ќе ви требаат оригано, слатка пиперка, презла, брашно, едно јајце, рендан пармезан, малку масло, рендана кора од лимон, сол и бибер.
Како се подготвуваат домашните рибни стапчиња
Исчистената риба најпрво треба да се сомеле заедно со сол, бибер, оригано и пиперка. Кога смесата убаво ќе се соедини, се префрла во сад и се подготвуваат останатите состојки за панирање.
Во еден сад се мати јајцето, а во друг се мешаат презлата, ренданиот пармезан и ренданата кора од лимон. Од рибната смеса потоа се формираат стапчиња по сакана големина. Секое стапче најпрво се валка во брашно, потоа во јајце, а на крај во смесата со презла, за да биде добро обложено од сите страни.
Подготвените рибни стапчиња се редат во плех обложен со хартија за печење и се премачкуваат со неколку капки масло. Се печат околу 15 минути на 190 степени, односно додека не добијат златна боја и крцкава површина.
Со што најдобро се сервираат
Кога ќе бидат готови, врз нив може да се додаде малку сок од лимон за посвеж вкус. Најдобро одговараат со сезонска салата или со лесен млечен прелив, што го прави оброкот уште пополн и повкусен.
Овој рецепт е добар избор за денови кога сакате нешто едноставно, домашно и брзо, без премногу комплицирање во кујната. А најубавото е што резултатот е ручек што лесно може да им се допадне и на децата и на возрасните.


