Со низа настани низ целата земја денеска се одбележува Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Тие се основоположници на словенската писменост и литература, заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните огромни заслуги за христијанството, Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите, симбол на духовното и образовното наследство.
Чествувања во Рим, Ватикан и Охрид
Државно-црковната делегација, предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, престојува во Рим и Ватикан. Таму ќе се поклонат на гробот на Свети Кирил, како дел од манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“. Истовремено, премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствува на одбележувањето во Охрид. Тој ќе се обрати на свечената академија „Светилник низ векови и за иднината“, која се одржува во црквата Св. Софија.
Во Охрид, чествувањата започнаа вчера со научна трибина, а денеска продолжуваат со Меѓународен хорски фестивал на сцената на Античкиот театар, положување цвеќе пред споменикот во Градскиот парк и детски поетски фестивал. Прославите ќе завршат вечерва во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“. Во храмовите на МПЦ-ОА, пак, се одржуваат празнични богослужби во чест на светите браќа.
Животот и делото на солунските браќа: Од Моравската мисија до словенската писменост
Иако светите Кирил и Методиј имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24 мај. На почетокот, Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување (Св. Кирил на 27 февруари и Св. Методиј на 19 април), но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник. Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.
Најважна за двајцата браќа е Моравската мисија, која има големо значење за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав. За да ја стабилизира својата држава на политички план, тој преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја, побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик, но и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Меѓутоа, Византија имала свој интерес. Во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, за да не дојде до натамошен раскол, им испратила само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.
Бидејќи Словените тогаш немале букви, Кирил морал да состави азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Кирил починал во Рим на 27 февруари 869 година, а неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По смртта на Методиј, неговите ученици останале без заштита. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани на југ. Сепак, светите Климент и Наум го продолжиле делото на своите учители на брегот на Охридското Езеро, во древниот град Охрид.
Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.
-
La Linea v1
699 ден
559.20 ден -
Петок
699 ден
559.20 ден -
La Linea v3
699 ден
559.20 ден -
Џаст До Ит!
699 ден
559.20 ден -
Мисли различно
699 ден
559.20 ден -
Јас сум толку стар
699 ден
559.20 ден