
Капитенот на Сантос мораше во неделната победа од 3:0 против екипата на Васко да Гама принудно да го напушти теренот на една минута, иако воопшто не беше повреден, не доби црвен картон и не беше заменет.
Како дојде до оваа необична ситуација?
-
La Linea v12
699 ден
524.25 ден
Сцената се случи во средината на првото полувреме на стадионот „Сао Жануарио“. Голманот на Сантос, Габриел Бразао, по еден дуел побара лекарска помош на теренот. Според новиот пакет правила што Бразилската фудбалска конфедерација (CBF) ги воведе со цел да го намали крадењето време, во таква ситуација еден фудбалер од неговиот тим мора да помине една минута надвор од теренот.
Новото правило предвидува тренерот или капитенот да одреди фудбалер кој ќе го напушти теренот на една минута, додека голманот по укажаната помош може нормално да се врати на голот. Доколку играчот не биде одреден во пропишаниот рок, правилата наложуваат дека теренот мора да го напушти капитенот на тимот.
Бидејќи Нејмар ја носеше капитенската лента на Сантос, токму тој заврши покрај аут-линијата. По истекот на казната од една минута, судијата Лукас Касагранде му дозволи да се врати во игра. Бразилските медиуми наведуваат дека целта на ова правило е да се елиминира можноста тимот да има корист доколку голманот тактички бара помош само за да ја прекине играта, да им овозможи одмор на соиграчите или да му даде време на тренерот за инструкции.
Двојна казна за Нејмар и позитивни резултати од мерките
Иронично, Нејмар во текот на истиот натпревар мораше да помине уште една дополнителна минута надвор од теренот. Овој пат самиот доби лекарска помош, а новите правила предвидуваат дека фудбалерот на кој му се укажува помош на теренот мора да почека најмалку 60 секунди пред да се врати во игра.
Покрај ова, во бразилската Серија А се воведени и неколку други ригорозни мерки:
- Ограничено време за напуштање на теренот при замена на фудбалер.
- Судиско одбројување при одолговлекување на изведувањето гол-аут.
- Само капитенот смее да комуницира со судијата; сите останати играчи мора веднаш да се оддалечат.
Оваа бизарна ситуација сепак не му ја расипа вечерта на Нејмар. Сантос го совлада Васко да Гама со 3:0 со головите на Габигол, Вилијан Арао и Луан Перес, со што тимот конечно излезе од зоната за испаѓање.


