во ,

„Папките и ќесињата се историја!“ – Алиу најави револуција со вештачка интелигенција во здравството

Примената на вештачката интелигенција има голем потенцијал да ја подобри дијагностиката, персонализираната медицина и откривањето нови лекови, а ќе помага и во намалувањето на административната работа на лекарите.

Ова се дел од заклучоците од овогодишното издание на „HEALTH INNOVATION EXPO 2025“ – Саем за медицина, стоматологија и фармација, кој денеска и утре се одржува во Скопје. На саемот беше посочено дека вештачката интелигенција треба да биде интегрирана заедно со медицинскиот персонал и таа ќе даде дополнителна вештина на лекарите, а не нивна замена.

Алиу: „Папките и ќесињата со документи треба да бидат историја“

Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека дигиталната трансформација е еден од петте клучни столба на Министерството. „Ценам дека чекалните со пациенти кои имаат папки и ќесиња со документи треба да биде минато, историја“, рече тој.

Тој нагласи дека за да имаме алгоритми што ќе алармираат за некој процес, мора да има интегриран систем. „Првиот наш чекор беше тоа – мапирање на здравствените институции. Многу скоро ќе имаме прес-конференција за човечките капацитети (доктори, сестри) кои ги кластериравме. Врз основа на тие податоци, ќе дефинираме протоколи поврзани со дигиталните процеси“, рече Алиу.

Повеќе од само алатка – Телемедицина во Дебар и Делчево

Министерот информира дека веќе работат на пилот-проект во два града – во Дебар и во Делчево за теле-медицина. „Ќе имаме центар за теле-медицина, кој во првата фаза ќе почне со консултации помеѓу специјалисти и пациенти во овие два града“, рече тој. Алиу потенцира дека работат и на измени на 12 закони за да се овозможи нудење здравствени услуги преку дигитални алатки.

„Податоците ќе ги следат пациентите, а не пациентите податоците“

Алиу истакна дека лекарите не треба да се плашат дека вештачката интелигенција ќе им го заземе местото. „И јас пред 15 години имав докторат поврзан со дигитализација во радиологија. И тогаш имаше вакви прашања – дали вашите софтвери ќе нè менуваат нас како доктори? За наша среќа, денес технологијата е спас“, рече тој.

Тој додаде дека „Мој термин“ е добра база за дигитализација. „Треба да креираме здравство во кое податоците ќе ги следат пациентите, а не пациентите да трчаат по податоци. Здравствената картичка ќе ја имаме на мобилен телефон, а не да трчаме со папки и ќесиња“, заклучи Алиу.

Сподели:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Масовен напад врз Украина: 450 дронови и 45 ракети истрелани од полноќ

„Не дозволувајте болката да стане поголема“: Родителите од „Пулс“ со порака до судиите