
Драматични сцени се одвивале на летот на „Рајанер“ од Солун кон Меминген, откако прозорец покрај патничко седиште бил оштетен, а наглата декомпресија го повлекла 61-годишниот Љубиша Каровиќ кон отворот на авионот.
-
La Linea v13
699 ден
524.25 ден
Неговата сопруга Светлана Грковиќ веднаш го зграпчила за нозете. Со помош на уште неколку патници, успеала да го задржи сè додека авионот не се вратил и безбедно слетал во Солун.
„Помислив дека ќе умреме заедно“
Љубиша и Светлана се враќале од летен одмор во Грција. Според нејзиното сведоштво за српскиот портал Nova.rs, двајцата дремеле на своите седишта кога одеднаш се слушнал силен удар и прозорецот покрај Љубиша се скршил.
Наглата промена на притисокот го повлекла кон отворот, но безбедносниот појас спречил целосно да биде извлечен од кабината.
„Веднаш го зграпчив за нозете. Помислив: Ако умреме, ќе умреме заедно. Беше ужасно“, раскажала Светлана.
Во кабината настанал хаос. Маските за кислород паднале од таванот, дел од патниците паничеле, а други веднаш пристапиле за да помогнат.
Непознат патник помогнал да го спасат
На Светлана ѝ помогнале еден маж и една жена. Таа вели дека мажот, за кого претпоставува дека бил Албанец, заедно со неа цврсто ги држел нозете на Љубиша додека авионот се враќал кон Солун.
Светлана сега сака да го пронајде и лично да му се заблагодари, бидејќи во паниката не успеала да го дознае неговото име.
Сведоци тврдат дека повредениот патник неколкупати ја губел свеста. По слетувањето бил пренесен во болница со повреди на вратот и рамото, како и со повреди на кожата предизвикани од триење.
Според информациите од српскиот конзулат во Солун, неговата здравствена состојба е стабилна и повредите не се опасни по живот.
Инцидентот се случил над Македонија
Сериозниот инцидент се случил во петокот на летот FR1879, кој го оперирала „Малта ер“ за „Рајанер“ на линијата Солун–Меминген.
Авионот „Боинг 737-800“, стар околу 18 години, се наоѓал во македонскиот воздушен простор кога дошло до брза декомпресија.
Според првичните информации објавени во грчките и регионалните медиуми, можно е дел од десниот мотор да се одвоил и да го оштетил прозорецот. Оваа причина сè уште не е официјално потврдена и треба да биде утврдена со истрагата.
Од „Рајанер“ соопштиле дека авионот безбедно се вратил во Солун откако за време на летот се одвоил прозорец покрај патничко седиште. За останатите патници бил обезбеден заменски авион до Меминген.
NTSB ја презема истрагата, ќе учествува и КИНСИВ
Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИНСИВ, побарал истрагата да му биде делегирана на американскиот Национален одбор за безбедност во транспортот – NTSB.
Претседателот на КИНСИВ, Марјан Прпоски, потврдил дека во истрагата предводена од американската институција ќе учествуваат и македонски претставници.
За инцидентот биле известени и грчките истражни органи, Француското биро за истраги и анализи, Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, како и други надлежни институции.
Истиот авион се вратил и претходниот ден
Според „Ex-Yu Aviation“, истиот авион еден ден претходно полетал од Солун кон Сараево, но набргу бил принуден да се врати на аеродромот. Летот потоа бил откажан.
„Рајанер“ не ја објавил причината за тоа враќање, а засега нема официјални докази дека двата настана се поврзани.
Авионот останува приземјен во Солун, каде истражителите го испитуваат моторот, оштетениот прозорец и трупот на леталото.


