
На средбата, на која присуствувал вршителот на работи во отсуство на амбасадорот Желјазко Радуков, македонската страна изразила силно незадоволство. Реакцијата следи по неодамнешната изјава на бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, поврзана со случајот со Ива Михајлова, која од МНР е оценета како крајно навредлива и провокативна.
Мешање во внатрешните работи
-
Дарт Вејдер
699 ден
524.25 ден
Покрај изјавата на Демерџиев, Министерството реагирало и на настапот на амбасадорот Радуков за бугарската телевизија БТВ. Неговите квалификации за работата на надлежните македонски институции се оценети како директно мешање во внатрешните работи на државата. Македонската дипломатија јасно порачала дека ваквиот пристап го оддалечува билатералниот дијалог од рамката на добрососедството.
„Од наша страна беше нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација.“
Предупредување преку Виенската конвенција
Македонското МНР не застана само на вербална опомена. Официјално е укажано дека ваквото однесување може да резултира со соодветна институционална реакција во согласност со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оваа конвенција јасно ги утврдува границите на дипломатското дејствување и го потенцира принципот на немешање во внатрешните работи на државата примател.
На крајот од средбата била реафирмирана македонската посветеност кон развој на добрососедските односи засновани на меѓусебна доверба и европски принципи, со јасно очекување дека и бугарската страна ќе покаже идентична одговорност.

