во ,

Напуштена ракета јури кон Месечината: Ударот ќе биде како три тони ТНТ

Напуштен дел од ракета на „Спејс икс“ неконтролирано се движи кон Месечината, а ударот ќе ослободи енергија споредлива со околу три тони ТНТ.

Истрошен горен степен од ракета „Фалкон 9“ на компанијата „Спејс икс“ се наоѓа на патека што води директно кон Месечината. Ударот се очекува на 5 август 2026 година, околу 06:35 часот по координирано светско време, односно околу 08:35 часот во Македонија.

Супер Попуст -25%

Остатокот од ракетата останал во вселената откако во јануари 2025 година биле лансирани две приватни летала кон Месечината. Сега гравитациските влијанија го насочиле кон површината на Земјиниот природен сателит.

Ќе удри со брзина од околу 8.700 километри на час

Според пресметките на експертот за следење вселенски објекти Бил Греј, горниот степен ќе удри со брзина од приближно 8.700 километри на час, односно околу седум пати побрзо од брзината на звукот.

Предвиденото место на ударот е во близина на кратерот „Ајнштајн“, на осветлениот раб на Месечината видлив од Земјата. Точната точка и времето може незначително да се променат поради тешкотиите при прецизното следење на објектот.

Енергија како три тони ТНТ

Остатокот е долг околу 12 метри и тежи приближно четири тони. При ударот ќе ослободи енергија споредлива со експлозија на околу три тони ТНТ.

Научниците проценуваат дека на површината може да се создаде кратер широк околу 27 метри и длабок приближно пет метри. Тој ќе биде премал за директно да се забележи од Земјата, но ќе може да биде снимен од летала што кружат околу Месечината.

Блесокот ќе трае помалку од една секунда

Самиот блесок од ударот веројатно ќе биде премногу слаб за да се види со голо око. Многу поголем интерес предизвикува облакот од прашина и исфрлен материјал, кој би можел да се издигне десетици километри над површината.

Компјутерските модели покажуваат дека главниот столб од материјал може да достигне височина од 75 до 100 километри, додека пошироката завеса од прашина би можела кратко време да се набљудува со чувствителни телескопи.

Редок експеримент што не бил планиран

„Спејс икс“ не планирала ракетниот степен да заврши на Месечината. Според експертите, судирот можел да биде избегнат доколку објектот навреме бил насочен кон стабилна орбита околу Сонцето.

Иако настанот не претставува опасност за Земјата, тој повторно го отвора прашањето за управувањето со вселенскиот отпад. Со зголемувањето на бројот на роботи, сателити и идни човечки мисии околу Месечината, неконтролираните остатоци можат да станат сериозна закана.

Научниците ќе го следат ударот одблизу

Предвидливиот судир им нуди на истражувачите ретка можност однапред да ја знаат брзината, големината и приближното место на ударот. Таквите податоци можат да помогнат во проценувањето на опасноста што остатоците и природните метеороиди ја претставуваат за идните астронаути и опрема.

НАСА со својот „Лунар реконесанс орбитер“ и јужнокорејското летало „Данури“ треба да ја набљудуваат областа пред и по ударот, со цел да го документираат новиот кратер и промените на површината.

Сподели:
Есенски Попуст -25%

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Додека светот гори, на Антарктикот измерени минус 84 степени

Цукерберг најавува личен ВИ агент за милијарди луѓе до 2031 година