
Како да ги разликувате настинката и грипот?
Настинката, која најчесто е предизвикана од риновируси, се развива постепено. Нејзините симптоми вклучуваат течење или затнување на носот, кивање, гребење во грлото, блага кашлица и помал замор. Температурата е најчесто нормална или благо покачена, а болеста поминува за седум до десет дена. Децата може да бидат малку раздразливи, но обично продолжуваат нормално да си играат и комуницираат.
-
Дарт Вејдер
699 ден
524.25 ден
За разлика од настинката, грипот настапува нагло. Лицето може наутро да се чувствува релативно добро, а веќе по неколку часа да биде врзано за кревет со изразени тегоби. Најчести симптоми се температура над 38 степени, треска, силни болки во мускулите и зглобовите, изразена исцрпеност, главоболка и сува кашлица. Грипот носи и поголем ризик од компликации, особено кај малите деца, повозрасните лица, трудниците и хроничните болни.
Кога е неопходен лекар и како да си помогнете?
Посетата на лекар не смее да се одложува доколку се појават знаци како отежнато и забрзано дишење, болка или притисок во градите, модро лице или усни, невообичаена поспаност и знаци на дехидратација. Исто така, висока температура која трае подолго од три дена или нагло влошување по привидно подобрување се јасни сигнали за стручна медицинска помош. Кај бебињата и ризичните групи, лекарот треба да се контактира многу порано.
За ублажување на благите симптоми во домашни услови, клучни се одморот и внесот на доволно течности (вода, супи и напитоци со електролити). Физиолошкиот раствор помага при затнат нос, а лековите за температура кај децата треба да се дозираат исклучиво според совет на педијатар.
„Антибиотиците не делуваат на вируси и никогаш не треба да се земаат на своја рака. Редовното миење раце, проветрувањето на просториите и останувањето дома за време на болеста се најдобриот начин за спречување на ширењето на инфекцијата.“


