во

Тажна вест: Почина доајенката на македонскиот театар, Соња Каранџуловска!

Македонскиот народен театар (МНТ) соопшти тажна вест: на 77-годишна возраст почина актерката Соња Каранџуловска, доајенка на македонската театарска и филмска сцена.

Со нејзиното заминување, земјата губи една од првите дипломирани актерки, чиј живот и дело оставија неизбришлива трага во културното наследство. Каранџуловска беше позната по својата посветеност, амбиција и беспрекорна работливост, кои ја красеа низ целата нејзина богата кариера.

Купи Маица

Богата кариера: Од првата генерација актери до безброј улоги во МНТ

Соња Каранџуловска дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1971 година, како дел од првата генерација дипломирани актери во класата на проф. Илија Милчин. Во МНТ работела од 1974 до 2014 година, но на сцената на театарот играла уште пред своето вработување. Нејзина прва улога била Авдотја во претставата „Децата на сонцето“ (1973), во режија на Илија Милчин.

Следуваат многубројни незаборавни улоги, меѓу кои Ангелина во „Потоп“ (1974), Лиза Дроздова во „Бесови“ (1978), Малтескињата Лезли во „Кенгурски скок“ (1979), Валерија во „Лов на диви пајки“ (1979), Паулина во „Череп“ (1980), Рената во „Војна и мир во Груда“ (1981), Нора во „Габи“ (1982), Анка во „Госпоѓа министерка“ (1983), Доли, пудлата, во „Воена тајна“ (1984), Мараја во „Слободни врски“ (1984), Клара во „Големиот брилјантен валцер“ (1986), Марија Луиса Балванера во „Еригон“ (1999), Болничарка во „Мара/Сад“ (2008), а последна улога ѝ е во „Троил и Кресида“ (2010).

„Клитемнестра“ и незаборавните улоги на филм и ТВ

Особено значајна и карактеристична за неа е монодрамата „Клитемнестра“, во продукција на Македонскиот народен театар, чија премиера била на 9 октомври 2002 година. Со оваа претстава, истата година настапува на Фестивалот на монодрама во Битола, фестивалот на монодрама во Земун и на „Барско лето“ во Бар во 2003 година. „Клитемнестра“ е резултат на она што ја карактеризираше Каранџуловска – желбата да се биде на сцена, огромната амбиција кон големите дела и беспрекорната работливост што ја красеше.

Покрај во театар, таа играше и во бројни филмски и телевизиски остварувања: „Новогодишен карусел“ (ТВ филм, 1979), „Томе од бензиската пумпа“ (ТВ филм, 1979), „Време води“ (1980), „Хај-фај“ (ТВ филм, 1987), „Пикасо“ (ТВ филм, 1987), „Марија лета со авион“ (ТВ филм, 1988), „Денес, утре“ (ТВ филм, 1998) и „Година на мајмунот“ (2018). Играше и во популарните серии: „Македонски народни приказни“ (од 1994 до 2017), „На наш начин“, „Легенди и преданија“, „Трето доба“, „Погрешно време“, „Обични луѓе“, „Од денес за утре“, „Турни ме да кинисам“, „Приказни од животот“ и „Преспав“.

Македонскиот народен театар изрази длабоко сочувство до семејството, пријателите и колегите на актерката.

Сподели:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Видеото кое го запали интернетот: Сопругата на Макрон му удри шлаканица

Криволак под опсада: 2.230 војници од 9 земји на најголемата вежба во регионот!