во ,

Еден пар стаорци може да роди МИЛИОН потомци за 18 месеци, а Скопје им даде совршени услови

‘Еден пар стаорци може да роди милион потомци за 18 месеци’: Скопје тоне во ѓубре и се соочува со биолошка војна, алармира епидемиологот Драган Даниловски

Додека политичарите се борат за гласови пред локалните избори, Скопје води друга, многу поопасна битка – битка против ѓубрето и инвазијата на глодари. Купиштата смет што со денови се трупаат на улиците, поради колапсот на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, го претворија главниот град во темпирана здравствена бомба. Епидемиолозите предупредуваат дека ова не е само естетски проблем, туку директна закана од епидемија на сериозни болести како лептоспироза и хантавирус.

За сите храбри борци

Алармот стана уште погласен откако дете беше каснато од глушец во училишен двор во Скопје. „Ова не е веќе инцидент, туку симптом на системски распад“, напиша епидемиологот д-р Драган Даниловски на социјалните мрежи. Тој предупредува дека е прашање на време кога ќе дојде до пренос на зараза.

Проблемот со глодарите е нивната неверојатна способност за репродукција. „Стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци“, објаснува Даниловски. Застрашувачкиот дел, според него, е што предусловот за ваква експлозија – неограничени ресурси на храна, вода и простор – во моментот е целосно исполнет во Скопје благодарение на ѓубрето.

Глодарите се познати како преносители на над 35 смртоносни болести, кои се шират преку нивната урина, измет и болви. Иако денес имаме антибиотици, Даниловски потсетува на историската лекција од Средниот век, кога бубонската чума („црната смрт“), пренесена токму од стаорци, збришала речиси половина од населението на Европа.

„Каснувањето на дете од глушец во училишен двор е црвена линија што не смееше да се премине“, дециден е лекарот. Тој апелира на итна, координирана акција, па дури и прогласување на вонредна состојба во делови од градот, за да се изврши масовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Додека дел од општините се обидуваат сами да го решат проблемот, јасно е дека ситуацијата бара итна реакција пред да биде предоцна. На крајот, оваа криза со ѓубрето ќе биде првиот и најголем тест за новиот градоначалник на Скопје, кој и да биде избран, бидејќи правото на здравје е уставно загарантирано.

Сподели:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

‘Мислевме дека глумат’: Како чешките специјалци ја промашија целта за цела зграда

Најглупавиот криминалец на годината: 21-годишниот С.Ш. од Тетово се снимал како пука, па заврши во затвор