
Почина Фатос Нано: Замина контроверзниот ‘Кум’ на албанската транзиција, човекот кој беше и премиер и политички затвореник
Почина Фатос Нано (73), поранешниот албански премиер и историски лидер на Социјалистичката партија. Тој починал денеска во приватна болница во Тирана, по неколкунеделна борба за живот. Нано беше хоспитализиран пред дваесеттина дена откако доживеал клиничка смрт во својот дом, по што лекарите успеале да го вратат во живот, но тој останал во критична состојба со обемно оштетување на мозокот. Со неговото заминување, завршува едно од најбурните и најважни поглавја во модерната албанска историја.
Фатос Нано не беше само политичар; тој беше симбол на хаотичната транзиција на Албанија од тврдокорниот комунизам во демократија. Тој беше првиот лидер на реформираната Социјалистичка партија по падот на режимот и служеше како премиер во три наврати, во најтешките времиња за земјата. Тој е запаметен како лидерот кој успеа да ги „одмрзне“ односите со соседните земји, вклучително и со Македонија, кои беа целосно прекинати во времето на Енвер Хоџа.
Од премиерска фотелја до затворска ќелија – и назад
Животот на Нано беше како филмско сценарио. Во 1993 година, тој беше уапсен од владата на неговиот најголем ривал, Сали Бериша, под обвинение за злоупотреба на италијанската хуманитарна помош. Беше осуден на 14 години затвор, во потег што многумина го сметаа за политички прогон. Актуелниот премиер Еди Рама често го нарекуваше Нано „последниот политички затвореник во Албанија“.
Неговото враќање на власт беше уште подраматично. Тој беше ослободен од затвор во 1997 година, за време на масовните немири и целосниот колапс на државата, предизвикани од падот на пирамидалните штедилници. Во тој хаос, кога Албанија беше на работ на граѓанска војна, Нано повторно стана премиер, обидувајќи се да ја врати земјата од амбисот.
Она што го прави Фатос Нано уникатен во балканската политика е неговиот крај. По поразот на изборите во 2005 година, тој целосно се повлече од политиката и никогаш повеќе не се врати. Во регион каде што политичарите се држат за власт до последниот здив, неговиот чин на повлекување остана редок пример за достоинствен крај на една бурна кариера. Со неговата смрт, заминува последниот голем актер од првиот чин на албанската повеќепартиска драма.
-
La Linea v1
699 ден
559.20 ден -
Петок
699 ден
559.20 ден -
La Linea v3
699 ден
559.20 ден -
Спаси ја водата, пиј пиво
699 ден
559.20 ден -
Јас сум толку стар
699 ден
559.20 ден -
Џаст До Ит!
699 ден
559.20 ден







