
Станбената криза со која се соочуваат младите генерации не смее да се решава преку постојано стимулирање нова градба и уништување на преостанатите зелени површини, особено во услови кога десетици илјади веќе изградени станбени единици се заклучени и стојат надвор од пазарот. Оваа порака ја испрати партијата ДОМ, нагласувајќи дека за надминување на проблемот не се потребни ниту дополнителна бетонизација на урбаните средини, ниту пак нови и нејасни законски импровизации.
Според анализата на партијата, решението веќе постои во актуелниот Закон за даноците на имот, кој содржи прецизни и веднаш применливи одредби. Имено, наспроти основната даночна стапка од 0,10 проценти и повластената стапка од 0,05 проценти за домот во кој се живее, законот пропишува три пати повисок данок од 0,30 проценти за пријавен празен имот и дури пет пати повисок данок од 0,50 проценти за непријавен празен имот што не се користи и не се издава подолго од шест месеци.
Сепак, поради тоа што локалните самоуправи не ги вкрстуваат податоците од регистрите за пријавено живеалиште и пријавените договори за закуп со евиденцијата за нулта потрошувачка на електрична енергија и вода, градежните инвеститори и шпекулантите со повеќе празни станови со години се фактички амнестирани. Како директна последица на ваквата пасивност, локалните буџети само во Скопје и Куманово секоја година губат вкупно 10,24 милиони евра.
Детална пресметка: Колку милиони евра губат Град Скопје, скопските општини и Куманово?
Пресметките на ДОМ покажуваат сериозни финансиски одливи кај централниот градски буџет и поединечните општински каси. Во главниот град, од вкупно 60.518 попишани празни станови, при реален опфат на шпекулативните и непродадените единици, вкупната годишна загуба достигнува 8,94 милиони евра. Од оваа сума, точно половина, односно 4,47 милиони евра, претставува директен приходен губиток за централниот буџет на Град Скопје, додека преостанатите 4,47 милиони евра им припаѓаат на десетте скопски општини.
Кога ќе се анализира распределбата по општини во главниот град, најголемиот товар, односно 2,81 милиони евра или 62,8 проценти од општинската половина, паѓа врз четирите општини со најголема концентрација на празни станови. На врвот е Општина Центар со загуба од 1,02 милиони евра директен општински приход (или 2,04 милиони евра вкупно заедно со делот на Градот), по што следуваат Карпош со околу 728.450 евра (1,46 милиони евра вкупно), Аеродром со околу 700.400 евра (1,40 милиони евра вкупно) и Чаир со околу 357.700 евра (715.400 евра вкупно). Останатите шест скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај и Шуто Оризари – заедно губат дополнителни 1,66 милиони евра во сопствените каси, односно 3,33 милиони евра вкупно со градскиот удел.
Слична е состојбата и во Општина Куманово, каде што Државниот завод за статистика има регистрирано околу 15.000 ненаселени станбени единици. Бидејќи таму целокупниот приход од данокот на имот останува во општинската каса, локалниот буџет на Куманово секоја година останува пократок за 1,30 милиони евра, што е сума близу 80 милиони денари.
Пет конкретни мерки за насочување на 10,24 милиони евра кон младите
Од ДОМ укажуваат дека општините не треба да влегуваат во улога на купувачи на станови ниту да делат неконтролирани субвенции што дополнително ги пумпаат цените на пазарот. Наместо тоа, собраните 10,24 милиони евра годишно треба директно и транспарентно да се вложат за стекнување сопствен прв дом и природно стабилизирање на цените преку пет клучни мерки:
- Неповратни грантови за учество при купување прв постоен стан: Обезбедување директна финансиска поддршка од 6.000 до 10.000 евра исплатена преку комерцијалните банки за покривање на задолжителното учество при купување веќе изграден стан, со јасно дефиниран ценовен плафон по квадратен метар за да се спречи субвенционирање луксузни недвижности. Со овој модел годишно директно ќе се поддржат над 1.100 млади брачни парови во Скопје и над 160 парови во Куманово.
- Субвенционирање на каматата за станбен кредит: Целосно покривање на каматната стапка во првите пет години од отплатата на станбениот кредит за купување прв постоен стан, со што месечната обврска станува далеку поподнослива за младите семејства.
- Зелени ваучери за реновирање и ослободување од данок на промет: Бидејќи значителен дел од празните станови се постари и неадаптирани, младите брачни парови кои купуваат прв постоен дом да добијат ваучер за енергетска обнова, како замена на прозорци, термоизолација и ефикасно греење, заедно со целосно ослободување од данокот на промет на недвижности од 3 проценти.
- Даночно ослободување при издавање под регулирана кирија: Наместо парични ваучери што вештачки ги зголемуваат закупнините, сопствениците на празни станови да бидат ослободени од тројниот и петкратниот данок само доколку станот го издадат на млади лица со пријавен договор од најмалку 12 месеци и по достапна, регулирана кирија, со што ќе се зголеми понудата и ќе се намалат цените за закуп.
- Соборување на вештачките продажни цени на квадратот: Соочени со обврската секоја година да плаќаат тројно или петкратно повисок данок за заклучените недвижности, градежните инвеститори и шпекулантите ќе добијат директен економски поттик веднаш да ги коригираат нереалните цени и да ги пуштат постојните станови во продажба.
На крајот од реакцијата, од ДОМ упатуваат јавен повик до градоначалниците веднаш да престанат да ги цртаат првите домови на младите во нови урбанистички планови и да го применат јасниот постоен закон, со што овие повеќе од 10 милиони евра годишно ќе завршат директно во иднината на младите семејства.
-
Никогаш да не се заборави
699 ден
524.25 ден -
La Linea v5
699 ден
524.25 ден -
Јога шимпанзо
699 ден
524.25 ден -
Пиво
699 ден
524.25 ден -
Хемија
699 ден
524.25 ден -
La Linea v23
699 ден
524.25 ден







