
Трагедија која однесе 16 животи
На 1 ноември 2024 година, во 11:52 часот, масивната бетонска настрешница на реконструираната станица се урна, оставајќи зад себе пустош. Под тоните бетон на самото место животот го загубија 14 лица, меѓу кои и четири деца, како и македонскиот државјанин Васко Саздовски (46). Три лица беа извлечени со тешки повреди, од кои две подоцна им подлегнаа на повредите во болница (Ања Радоњиќ и Вукашин Црнчевиќ). Единствената преживеана од затрупаните е Теодора Мартинко.
-
La Linea v23
699 ден
524.25 ден
Во чест на загинатите, денеска точно во 11:52 часот во Нови Сад се одржува комеморативен собир во организација на студентското движење, додека во храмот „Свети Сава“ во Белград, помен служи патријархот на СПЦ, Порфириј.
Три паралелни постапки без почеток на судење
И покрај тежината на трагедијата, ниту едно судење сè уште не е започнато. Во моментов се водат три паралелни постапки пред различни обвинителства. Најобемното обвинение го поднесе Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, кое опфаќа 13 лица. Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, поранешните директори на „Инфраструктура железнице Србије“, Јелена Танасковиќ и Небојша Шурлан, како и проектанти и лица задолжени за надзор. Сепак, подготвителното рочиште не е закажано бидејќи списите се наоѓаат во Врховниот суд.
Вишото јавно обвинителство во Белград води помала постапка против три лица, што дел од јавноста го толкува како опструкција на главниот процес во Нови Сад. Во меѓувреме, Обвинителството за организиран криминал води истрага за финансиски малверзации тешки 115 милиони долари во врска со целиот проект за брзата пруга.
„Според обвинението, причина за уривањето била корозијата на критичниот спој меѓу затегата и кровниот носач, но и додавањето нови елементи на настрешницата со што таа била дополнително оптоварена.“
Кој (не) ја реновираше настрешницата?
Реконструкцијата на станицата, изведувана од кинески компании со француски и унгарски надзор, беше свечено отворена неколку месеци пред трагедијата од највисокиот државен врв. По несреќата, официјалните лица, вклучително и тогашниот претседател, тврдеа дека токму таа настрешница не била предмет на реновирање. Сепак, независната Анкетна комисија утврди дека несреќата е директна последица на коруптивни дејствија, системски пропусти и неформално управување со проектот надвор од законските процедури.


