
Кога пазарите ќе замирисаат на зрели кајсии, многумина прво помислуваат на џем или слатко. Но има уште еден стар рецепт што никогаш не излегува од мода — домашен компот од кајсии.
-
Џаст До Ит!
699 ден
524.25 ден
Доволно е среде зима да отворите една тегла и веднаш да се врати мирисот на летото. Меки кајсии во благ сируп, со нежна арома на ванила, се десерт што оди со палачинки, колачи или едноставно се јаде разладен.
Зошто баш сега да го направите?
Кајсиите сега се најубави — зрели, мирисни и полни со вкус. За компот најдобро е да изберете плодови што се зрели, но сепак цврсти.
Таквите кајсии најдобро ја задржуваат формата при подготовка и остануваат убави во теглата и по неколку месеци стоење.
Потребни состојки
За овој рецепт ќе ви бидат потребни 5 килограми зрели, но цврсти кајсии, 1,5 килограм шеќер, 2 литри вода, 3 кесички ванилин шеќер и 5 грама конзерванс.
Од оваа количина се добиваат приближно 8 до 10 тегли, во зависност од нивната големина.
Подготовка на кајсиите
Кајсиите добро измијте ги и внимателно прегледајте го секој плод. Користете само здраво овошје, без поголеми оштетувања.
За полесно да ја отстраните лушпата, кратко потопете ги во врела вода, а потоа веднаш префрлете ги во ладна вода. Потоа пресечете ги на половина и извадете ги семките.
Направете го сирупот
Во поголемо тенџере ставете 2 литри вода, шеќер и ванилин шеќер. Загревајте со мешање додека шеќерот целосно не се растопи.
Кога сирупот ќе зоврие, додадете го конзервансот. Ванилата ќе му даде нежна арома, а сирупот ќе помогне овошјето да го задржи вкусот.
Кратко варење за да не се распаднат
Подготвените половинки кајсии внимателно спуштете ги во врелиот сируп.
Варете ги само додека течноста повторно не зоврие. Не треба долго варење, бидејќи така кајсиите ќе останат поцврсти и нема да се распаднат во теглите.
Полнење на теглите
Со решеткаста лажица внимателно вадете ги кајсиите и редете ги во претходно измиени и подготвени тегли.
Не ги притискајте премногу. Доволно е убаво да ги распоредите за сирупот рамномерно да ги исполни празните места.
Затворање и чување
Теглите прелијте ги до врв со врелиот сируп во кој се вареа кајсиите.
Веднаш добро затворете ги со капаци, покријте ги со ќебе или дебела кујнска крпа и оставете ги полека да се изладат на собна температура.
Кога целосно ќе се оладат, чувајте ги на ладно и темно место. Така компотот може да стои со месеци и да го зачува мирисот на летото.
Стар рецепт што секогаш вреди
Домашниот компот од кајсии е еден од оние рецепти што не бараат голема вештина, а резултатот секогаш радува.
Во зима може да се послужи како лесен десерт, додаток за колачи или овошно освежување по ручек. Една тегла е доволна целата кујна повторно да замириса на лето.


