
Гала-настап и развеано македонско знаме во Њујорк
Големиот успех младиот Андреј го круниса со брилијантен настап на гала-вечерта на победниците, која се одржа на 5 септември во реномираниот „The DiMenna Center for Classical Music“ во Њујорк. Пред меѓународната публика, младиот пијанист го покажа својот раскошен талент, а по завршувањето на настапот гордо го понесе македонското знаме заедно со освоените признанија. Стручното жири беше воодушевено од неговата изведба, високо оценувајќи ја неговата музикалност, техничката сигурност и уметничката зрелост.
-
La Linea v5
699 ден
524.25 ден
На свечената сцена тој застана рамо до рамо со победниците од останатите категории, истакнувајќи се во исклучително силна конкуренција на млади музичари од држави како Австралија, Канада, Кина, САД, Украина, Романија и многу други.
„Жирито ја истакна неговата исклучителна музикалност, техничка сигурност и уметничка зрелост – квалитети кои ретко се среќаваат кај пијанисти на негова возраст од само 11 години.“
Пијанист, ракометар и одличен ученик
Зад овој значаен светски успех стојат години посветена работа и огромна љубов кон музиката. Андреј почнал да изучува пијано уште на четиригодишна возраст, а паралелно посетува настава во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ под менторство на наставничката Марија Диманин Богоевска. Покрај музичките обврски, Андреј е и одличен ученик во шесто одделение (VI-4) во ООУ „Блаже Конески“ во скопски Аеродром.
Од неговото основно училиште не ја кријат гордоста за овој успех, нагласувајќи дека Андреј е вистински амбасадор на македонската култура. За неговата неверојатна дисциплина и упорност говори и фактот што тој има освоено повеќе државни награди по различни училишни предмети, а веќе две години многу успешно тренира и ракомет. Неговата приказна е вистински доказ дека талентот проследен со труд секогаш стигнува до најголемите светски сцени.


