
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го соопшти предлог-составот на реконструираната Влада, најавувајќи нова фаза, ново темпо и поголем фокус на резултати. Предлогот треба да биде испратен до Собранието до петок, а изборот на новиот владин состав се очекува најдоцна до средината на јули.
-
Вонземјанин
699 ден
524.25 ден
Мицкоски порача дека реконструкцијата доаѓа по две години исполнети со предизвици, стабилизација на состојбите и поставување темели. Според него, сега следува период во кој Владата треба да покаже поголема ефикасност, дисциплина и испорака на резултати.
Клековски оди во здравство, Перински во ФЗОМ
Една од клучните промени е во здравствениот сектор. Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, е предложен за нов министер за здравство.
На негово место во ФЗОМ треба да дојде Златко Перински, кој досега ја извршуваше функцијата министер за локална самоуправа. Со ова се отвора нова распределба во еден од најчувствителните системи за граѓаните.
Велковски за социјална политика, Стоиљковиќ за локална самоуправа
За нов министер за социјална политика, демографија и млади е предложен Ѓоко Велковски, досегашен заменик-министер во истото министерство. Овој ресор ќе биде меѓу оние со кои во иднина ќе раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоиљковиќ. Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, дипломиран економист и досегашен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Шуто Оризари.
Се укинува ресорот за добро владеење
Мицкоски најави дека веќе нема да има вицепремиер за добро владеење. Тој ресор ќе премине директно под ингеренции на Кабинетот на премиерот.
Според премиерот, Владата веќе има секретар кој ја следи реализацијата на програмата, а дополнително ќе има и секретар од кабинетот задолжен за добро владеење. Со тоа, како што беше објаснето, владиниот состав ќе има двајца потпретседатели помалку во споредба со изминатиот период.
Демократската партија на Турците влегува во коалицијата
Владиното мнозинство ќе се зголеми за еден пратеник, откако Демократската партија на Турците постигнала согласност за влез во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ќе добие министер без портфолио, а името за таа позиција дополнително треба да биде предложено. Мицкоски посочи дека прво ќе има осум промени во владиниот состав, по што ќе следува уште едно решение од ДПТ.
Кои министри остануваат на функциите?
Од ВМРО-ДПМНЕ во Владата остануваат Весна Јаневска во образование и наука, Панче Тошковски во внатрешни работи, Владо Мисајловски во одбрана, Борко Ристовски во спорт, Александар Николоски во транспорт, Тимчо Муцунски во надворешни работи и надворешна трговија, Гордана Димитриеска Кочовска во финансии, Сања Божиновска во енергетика и Стефан Андоновски во дигитална трансформација.
Коалицискиот партнер „Вреди“ ги презема министерствата за правда, култура и туризам, како и за односи меѓу заедниците. Во нивни раце остануваат и секторите животна средина, европски прашања, економија и труд.
ЗНАМ претходно објави дека го презема Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а нивен предлог за министер е Борче Серафимовски, досегашен државен секретар во Министерството. Горан Минчев останува да раководи со Министерството за јавна администрација.
Промени и во партиската структура
Мицкоски соопшти и нови партиски решенија. Општинскиот комитет во Кичево добива нов претседател, Дејан Пандилевски, додека досегашниот претседател Лазе Јакимоски останува посветен на обврските како заменик-министер во Министерството за јавна администрација.
Општинскиот комитет во Битола ќе го води Горан Исков, актуелен директор на АД ЕСМ Молика. Во Прилеп, за претседател на ОК е избран Христијан Тунески, додека досегашниот претседател и актуелен градоначалник Дејан Проданоски ќе биде предложен за нов член на Извршниот комитет на партијата.
За нов претседател на Унијата на млади сили е избран Тодор Конески, а за нова претседателка на Унијата на жени е избрана Марија Митева, досегашен портпарол на Владата. Мицкоски порача дека сите промени имаат цел да внесат нова енергија, нов импулс и ново забрзување во работата на Владата и партијата.


