во ,

Ниски плати, 16-часовни смени – Како навистина изгледа да работите во Tesla, компанијата на Илон Маск?

Вработените не трошат време на состаноци, но секогаш се изложени на стрес. Не мора постојано да се консултираат со надредените, но можат да добијат отказ без предупредување. Изгледа воопшто не е лесно да работите во Tesla, без разлика што многу луѓе сонуваат за тоа.

Денес Tesla e можеби најмоќната компанија во автомобилската индустрија и многу луѓе сонуваат да работат овде. Но, изгледа дека Илон Маск е навистина строг шеф, па треба да бидете добро подготвени ако сакате да успеете во неговата компанија.

Реклама

Илон Маск ја основа компанијата во 2003-та, а првиот Tesla автомобил беше пуштен во продажба во 2008-ма година. Компанијата се разви доста брзо, па денес вреди повеќе од нејзините ривали, како Toyota и General Motors, кои се активни со децении.

Ако и вие сонувате да работите во Tesla, погледнете што сè можете да очекувате кога ќе стигнете дотаму:

Не смеете да се приближите до бирото на Илон Маск

Според вработените, ова е непишано правило што го следат сите. Во компанијата Илон бил познат по тоа што импулсивно отпушта вработени, па еден од менаџерите ги советувал работниците да не се приближуваат до бирото на Илон кога тој е во канцеларијата, особено ако е гневен.

Ќе присуствувате само на најважните состаноци

Речиси и да нема личност која не ги мрази состаноците кои се непотребни, па имајќи го ова предвид, Илон им наредува на вработените да организираат состанок само кога навистина има потреба од тоа.

Во Tesla состаноците се реткост, секогаш учествуваат мал број луѓе – најмногу 6 – и се што е можно пократки. Ако некогаш има потреба да присуствуваат многу луѓе, Илон инсистирал состанокот да трае кратко. Истовремено, Илон им дозволува на вработените да го напуштат состанокот ако сфатат дека нивното присуство не е неопходно.

Сето ова е со цел да се зголеми продуктивноста на вработените, така што нема да трошат време на непотребни состаноци.

Не мора секогаш да се консултирате со надредените

Во речиси секоја голема компанија, ако имате проблем, идеја или што било, мора да се консултирате со вашиот надреден. Но, во Tesla важат поразлични правила.

Ако имате потреба да се консултирате со работник, инженер или менаџер од друг оддел, нема потреба вашиот менаџер да ви биде посредник, туку сами ќе го направите тоа. Истовремено, секој од вработените може директно да го контактира Илон доколку навистина има причина за тоа.

Милијардерот смета дека на овој начин комуницирањето меѓу вработените е многу поефикасно и нема непотребно трошење време.

Можете да бидете тужени за споделување доверливи информации

Бидејќи Tesla е огромна компанија со илјадници вработени, неколкупати се случило некој да сподели доверливи информации со медиумите. Затоа сега компанијата се заканува со тужби ако некој го направи тоа, што е сосема нормално за во многу компании.

Според некои вработени, во 2019-та тие добиле мејл од Илон во кој биле известени за отпуштањето на неколку работници кои споделиле информации со некој медиум. Во мејлот било нагласено дека следниот пат кога некој ќе направи нешто слично, ќе добие и отказ, и тужба.

Но, веројатно вработените уште не го почитуваат ова правило – мејлот за којшто станува збор се смета за доверлива информација, а сепак протече во јавноста.

Ниски плати

Иако Илон е најбогатиот човек на планетата, дел од неговите вработени добиваат многу ниска плата – околу 15 долари на час, односно околу 30.000 долари годишно. Ова е навистина мала плата за стандардите во САД. Сепак, оваа информација не може да биде 100% сигурна и секако не важи за секој вработен.

Наводно, проблемот со ниските плати е присутен веќе извесно време во Tesla, но многу вработени имаат изјавено дека не се жалат, бидејќи работат во Tesla поради многуте предизвици и добрите можности, а не поради парите.

Ќе работите прекувремено

Во 2018-та Илон изјави:

„Има многу полесни работни места, но никој не го променил светот работејќи само 40 часа на ден. Но, ако го сакате она што го работите, во поголемиот дел од времето нема да ви изгледа како работа“.

Илон очекува од неговите вработени да работат прекувремено, а и самиот поставува пример за тоа. Неретко милијардерот преспива во неговата канцеларија и добро познат факт е дека е „воркахолик“.

Иако некои вработени тврдат дека ова им дава можност да го извлечат најдоброто од себе, поголемиот дел од јавноста го гледа ова како доказ дека Илон е ужасен шеф.

Ќе добивате бесплатни Red Bull енергетски пијалаци

Бидејќи смените во Tesla траат и по 16 часа, особено кога вработените се пред краен рок, Илон одлучил да им дава бесплатни енергетски пијалаци.

Но, веројатно овој „луксуз“ не е за сите, бидејќи некои вработени имаат изјавено дека некогаш сами си ги плаќаат пијалаците.

Ќе бидете изложени на многу стрес

16-часовните смени во Tesla имаат негативни последици – неколкупати се случувало вработените да доживеат паничен напад, па дури и да изгубат свест поради замор и стрес.

Некои вработени откриваат дека од 2017-та, во фабриката редовно викаат Брза помош поради вакви ситуации.

Можете да бидете отпуштени без предупредување

Веќе спомнавме дека Илон е познат како шеф кој дава откази без навидум никаква причина. Пред 2-3 години, поранешен инженер на Tesla откри дека Илон го викнал во неговата канцеларија и почнал да му вика поради неисправен дел, но не му нагласил за каков дел станува збор. Инженерот бил отпуштен и, наводно, до денес не знаел за кој дел му зборувал Илон.

Друг вработен има изјавено дека кога стигнал во канцеларијата, го викнале на состанок и му кажале дека неговото работно место повеќе не е потребно и го отпуштиле. Тој тврди дека до тој момент никој не му спомнал за нешто такво.


Кул Маици: -20% Попуст
Бесплатна достава над 2000 ден.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Низ забавни илустрации: „Секојдневието со мојата сопруга… и нашето дете“

Кученце со неверојатно долги трепки ќе ви го освои срцето