во

Сиљановска-Давкова во Будимпешта: Унгарската револуција од 1956 е симбол на храброста и слободољубивоста

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојуваше во Будимпешта, каде што присуствуваше на меѓународните државни манифестации по повод одбележувањето на 70-годишнината од историската Унгарска револуција од 1956 година.

Пораки за демократија и европско единство во Националното собрание

Во рамките на програмата, претседателката ја проследи свечената седница на Националното собрание на Унгарија. На настанот се обратија унгарскиот претседател Андреш Бака, претседателката на парламентот Агнеш Форстхофер, како и високи европски претставници – претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и министерот за финансии на Норвешка, Јенс Столтенберг.

Супер Попуст -25%

Унгарскиот претседател Бака се осврна на историското значење на револуцијата, предупредувајќи дека седум децении подоцна, европската демократија и солидарност повторно се исправени пред голем предизвик, при што повика на меѓусебна почит и разбирање. Од друга страна, Фон дер Лајен и Кошта го потенцираа европското единство и ги истакнаа придобивките од 22-годишното членство на Унгарија во Европската Унија.

Траен симбол на борбата за слобода и достоинство

Централниот комеморативен собир се одржа на плоштадот „Лајош Кошут“, каде што со едноминутно молчење присутните им оддадоа почит на жртвите на револуцијата, по што беше прикажан и документарен филм. Државната програма продолжи со гала-свеченост во Унгарската државна опера и официјален прием во Музејот на ликовните уметности, чијшто домаќин беше унгарскиот премиер Петер Маѓар.

„Унгарската револуција е траен симбол на храброст, слободољубивост и достоинство на еден народ. Убаво е да се чујат највисоките претставници на ЕУ, кога велат дека Унгарската револуција има голем придонес во изградбата на демократијата, дека вреди да се бориме сите за Европа, како наш заеднички дом. За мене претставува чест да присуствувам и да оддадам признание на овој значаен историски настан, не само за Унгарија, туку и за Европа“, истакна претседателката Сиљановска-Давкова.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тајната на босанските домаќинки: Наместо ориз, ставете ја оваа житарка за совршено сочна сарма

Јаневска ги отфрла критиките за „Стив Наумов“: Условите се одлични, СДСМ нека дојде на увид