во ,

Термален рај среде Тоскана: Водата е 43 степени, а влезот не чини ништо

Во срцето на Тоскана се крие природна термална оаза каде водата извира на 43 степени, а капењето е бесплатно во текот на целата година.

Среде густите шуми во долината на реката Фарма се наоѓа Бањи ди Петриоло, едно од најпознатите природни термални извори во Тоскана. Сместено е меѓу Сиена и Гросето, недалеку од главниот пат, но доволно скриено за да остане далеку од масовниот туризам.

Супер Попуст -25%

Од длабочината на земјата извира вода со температура од околу 43 Целзиусови степени. Таа директно ги полни малите камени базени покрај реката, овозможувајќи им на посетителите да се капат бесплатно во секое годишно време.

Природни базени создадени без човечка рака

За разлика од класичните термални центри, овде нема луксузни базени, барови или вештачки водопади. Главниот архитект е природата.

Топлата термална вода се спојува со студената вода од реката Фарма. Поради тоа, температурата постепено се менува, а посетителите можат да го изберат делот што најмногу им одговара.

Највпечатливо е во студените месеци. Над базените се крева густа пареа, додека околу нив се протега тивка шума. Многумина прво се опуштаат во топлата сулфурна вода, а потоа се разладуваат во реката.

Минерална вода и пејзаж како од бајка

Сулфурната вода со векови создавала бели варовнички наслаги и природни каскади што се спуштаат кон реката. Млечно-белата боја, мирисот на минерали и дивиот пејзаж му даваат на местото препознатлив изглед.

Токму автентичноста е неговата најголема привлечност. Посетителите седат во топлата вода, додека покрај нив тече реката и се слуша шумолењето на дрвјата.

Во изворите уживале и старите Римјани

Бањи ди Петриоло има и богата историја. Термалните извори ги користеле уште старите Римјани, а според историските записи ги посетувале Цицерон, папата Пиј Втори и членови на влијателните семејства Медичи и Гонзага.

Околу 1404 година биле изградени одбранбени ѕидови за заштита од напади и разбојници. Нивните остатоци се гледаат и денес, поради што Петриоло се смета за редок пример на утврден термален комплекс во Тоскана.

Што треба да понесете

Бидејќи станува збор за природно јавно капалиште, нема соблекувални, ресторани или организирани услуги. Потребно е посетителите да понесат вода, крпа, удобни обувки и сè што им е потребно за престојот.

Паркирањето покрај патот е бесплатно, но во летните месеци местата брзо се пополнуваат. До базените се стигнува по кратка шумска патека.

Бањи ди Петриоло се наоѓа на околу 30 километри од Сиена, па посетата лесно може да се комбинира со прошетка низ средновековниот град.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бабини мекици со кајмак: Меки и воздушести како душа

Пак ги барате клучевите? Науката вели дека тоа може да биде добар знак