во ,

Зошто Македонците масовно купуваат станови во Грција? Затоа што е поевтино од Скопје

Додека цените на становите во Скопје летаат во вселената, а половина од нив се купуваат со кеш од непознато потекло, Македонците го најдоа своето решение: за истите пари, купуваат стан со поглед на море во Грција.

Во една интересна статистика која кажува многу за нашата реалност, Банката на Грција објави дека македонските граѓани и компании во последните пет години инвестирале над 50 милиони евра во недвижности кај јужниот сосед. Лани, во 2024 година, бил поставен и рекорд – сме вложиле дури 19 милиони евра за станче покрај море. А ова се само официјалните бројки, без да се сметаат оние со ЕУ пасоши.

Оваа вест, сама по себе, не е изненадувачка. Изненадувачки е кога ќе ја споредиме со апсурдната ситуација на домашниот пазар.

Супер Летен Попуст

Скопје 2025: Квадрат за 2.500 евра и 60.000 празни станови

Да се вратиме во 2020 година, кога метар квадратен во Центар чинеше „само“ 950 евра. Денес, за истата локација треба да издвоите минимум 2.000 евра, а цените одат и до 3.500 евра. Во меѓувреме, пописот од 2021 година ни кажа дека само во Скопје имаме речиси 60.000 празни станови, а оттогаш се изградија уште илјадници.

Оваа нелогичност – огромен број празни станови, а цени кои растат до небо – го загрижи и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Тој откри уште еден „занимлив“ податок: дури 50% од новопродадените станови се купуваат во готовина. „Ние немаме сознанија од каде доаѓа таа готовина, дали е од заштеди, дали е од некои приливи за коишто не сакаме да зборуваме“, изјави тој, оставајќи нè сите да се прашуваме на што точно мисли.

Грчкиот сон: Апартманче во Ханиоти за парите од стан во Аеродром

Сосема логично, секој со легално заработени пари почнува да размислува рационално. За стан од 60 квадрати во Скопје, кој би ве чинел околу 160.000 евра, можете да купите сосема пристоен апартман на Халкидики, со поглед на море, каде што единствениот стрес е дали да нарачате узо или ципуро. Ако сте пак расположени за уште поевтино море, во Бугарија квадрат е од 1.000 до 1.600 евра.

Од каде парите, гувернеру?

Приказната за Македонците во Грција е всушност приказна за домашниот пазар на недвижности, кој очигледно е балон пред пукање, напумпан не од реална побарувачка, туку од шпекулации и, како што сугерира гувернерот, од огромни количини на кеш со сомнително потекло. Одлуката да се инвестира во странство повеќе не е луксуз, туку паметен економски потег.

На крајот, додека надлежните институции се чудат од каде доаѓаат парите, граѓаните веќе го нашле одговорот: тие одат во Грција.

Сподели:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Светските медиуми во 1963: Прочитајте ја целосната и легендарна порака на претседателот Кенеди за Скопје

Зошто Грета Тунберг дојде на блокадите за спас на реката Дошница на Кожуф?