
Учење преку имитација: Од Јужна Кореја до Индија
Целта на овие системи, кои веќе активно се тестираат во фабрики, магацини, хотели и продавници, е машините да научат не само што треба да направат, туку и како точно човекот го прави тоа. Камерите ја снимаат работата од перспектива на работникот, додека дополнителни сензори ја следат положбата на телото, силата на стисокот и реакцијата на непредвидени ситуации. Материјалот потоа се анализира, а предметите и редоследот на чекорите се означуваат за да се создаде дигитална библиотека на знаење.
-
La Linea v1
699 ден
524.25 ден
Стартапот RLWRLD од Јужна Кореја веќе соработува со познати брендови како хотелот „Лоте“ и јапонскиот синџир „Лосон“, каде што искусни работници ги снимаат своите вештини. Слични проекти масовно се спроведуваат и во Индија, каде секое човечко посегнување или преместување предмет станува дел од базата за тренирање роботски модели.
„Наместо инженерите однапред да ја програмираат секоја можна ситуација, системот анализира голем број човечки примери и се обидува самостојно да ги препознае правилата што стојат зад нив – пристап познат како учење преку имитација.“
Дали работниците ги обучуваат своите замени?
Иако технологијата ветува дека хуманоидните роботи ќе ги преземат опасните и монотони задачи, синдикатите алармираат за сериозни ризици на пазарот на труд. Работниците кои ги снимаат сопствените вештини практично создаваат податоци со кои компаниите еден ден би можеле целосно да ги автоматизираат нивните работни места. Се отвораат и сериозни дебати околу тоа кој е сопственик на снимените движења и дали работникот треба да добие финансиски надомест ако неговото долгогодишно искуство стане дел од комерцијален роботски систем.
Дополнителен предизвик е и заштитата на приватноста. Камерите неминовно снимаат колеги, клиенти, екрани или чувствителни документи во позадина. Затоа, критичарите инсистираат дека пред роботите да почнат да нè заменуваат, мора да се воспостават строги правила за информирана согласност и анонимизирање на собраните податоци.


