во ,

Нова нафтена криза на хоризонтот, Македонија може силно да го почувствува ударот

Светот повторно стои пред опасен економски пресврт, а сенката на нова нафтена криза веќе почнува да се чувствува и кај нас. Ако судирот на Блискиот Исток не се смири брзо, последиците нема да останат само на фронтот. Првиот удар ќе дојде преку цената на горивата, а потоа ќе се прелее врз транспортот, трошоците, инфлацијата и врз целата економија. Македонија не е изолирана од ваков шок. Напротив, како држава што не произведува сопствена нафта, таа е директно изложена на секој потрес на глобалниот енергетски пазар.

Супер Попуст -25%

Енергетските експерти предупредуваат дека клучното прашање е дали ќе дојде до затворање на Ормутскиот теснец, една од најважните светски артерии за транспорт на нафта. Низ него минува околу една петтина од глобалното снабдување, што значи дека секое сериозно нарушување таму веднаш ќе ги оттурне цените нагоре. Дури и без целосно затворање, доволно е да се зголеми ризикот за да се вклучи алармот на пазарите.

Дополнителен страв создава и можноста конфликтот да ја зафати нафтената инфраструктура во регионот, особено големите компании и наоѓалиштата во Саудиска Арабија. Ако ударите се префрлат кон тие точки, тогаш прашањето веќе нема да биде дали ќе има поскапување, туку колку силно ќе биде тоа. Во такво сценарио, светот не би зборувал само за ценовен шок, туку за поширока економска турбуленција со глобален одек.

Она што ѝ останува на Македонија како прва заштита се државните резерви на нафта, токму наменети за вакви кризни моменти. Но резервите не можат да ја сопрат логиката на глобалниот пазар. Тие можат само привремено да амортизираат дел од ударот, додека цените на меѓународно ниво продолжуваат да се движат според стравот, ризикот и развојот на конфликтот.

Прво ќе удри врз горивата, потоа врз целата економија

Најбрзиот и највидлив удар, според експертите, ќе се почувствува кај горивата за возилата. Возачите први ќе го почувствуваат товарот, бидејќи поскапувањето на суровата нафта речиси секогаш директно се прелева на бензинските пумпи. Но тука приказната не завршува. Кога расте цената на горивото, растат и трошоците на компаниите што зависат од транспорт.

Македонија е особено чувствителна на овој дел, бидејќи има голем број фирми што работат токму во транспортниот сектор. Ако нивните трошоци нагло скокнат, ударот многу брзо ќе се пренесе и врз цените на производите и услугите. Тоа значи дека енергетскиот шок лесно може да се претвори во поширок економски притисок врз стопанството и врз граѓаните.

Дополнителен ризик носи и гасот, кој често се движи во силна поврзаност со нафтата. Ако скокне и неговата цена, тогаш ефектот повеќе нема да биде ограничен само на возилата и транспортот. Тогаш ударот почнува да се чувствува и во производството, во бизнисот и во вкупната економска активност.

Што ја крои цената и дали државата има простор за реакција

Во формирањето на цената на нафтата кај нас, клучни се неколку фактори. Првиот е движењето на берзанските цени на глобалните пазари. Вториот е курсот меѓу доларот и денарот. Третиот е акцизата, која исто така може силно да влијае врз крајната цена што ја плаќаат граѓаните.

Токму акцизата во минатото беше користена како механизам за ублажување на ценовниот шок. Во време на претходната енергетска криза, кога дизелот надмина 100 денари за литар, државата ја намали акцизата за да го намали притисокот врз пазарот. Сега повторно се отвора истото прашање: дали тој механизам и натаму стои на располагање ако дојде нов бран поскапувања.

Одговорот засега не е прецизен. Од Владата нема конкретен сигнал дали би се активирале истите мерки во случај на нова криза. Тоа остава простор за неизвесност, токму во момент кога пазарот бара јасни пораки и брзи алатки за реакција.

Од нафтен шок до инфлаторно цунами

На глобално ниво, аналитичарите веќе предупредуваат дека цената на нафтата може да стигне и меѓу 100 и 120 долари за барел ако конфликтот продолжи или ако дојде до подолг застој во клучните рути. Во такво сценарио, ефектот би бил многу поширок од обично поскапување на горивото.

Не е потребно дури ни целосно затворање на Ормутскиот теснец за да настане проблем. Доволни се зголемени ризици, поскапо осигурување и пренасочување на танкерите за пазарот да почне агресивно да ги крева цените. Тоа е опасната точка на ваквите кризи, паниката и очекувањата понекогаш дејствуваат уште побрзо од реалниот прекин.

Ако кризата дополнително ја зафати нафтената инфраструктура и се претвори во подолг регионален судир, тогаш економистите предупредуваат на ново инфлаторно цунами со глобални последици. А кога светската економија ќе влезе во таков круг, малите и увозно зависни држави први го чувствуваат товарот. Затоа прашањето веќе не е само дали ќе поскапат горивата. Прашањето е дали светот се движи кон нова нафтена криза што може да повлече и многу поширока рецесија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Иран удри врз срцето на саудиската нафта, Рас Танура влезе во тревога

Лариџани пресече, Иран нема да преговара со САД