
Иницијатива за забрзување на проширувањето
Документот, кој беше дистрибуиран во пресрет на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, оди чекор подалеку од вообичаените декларативни повици за проширување. Трите држави предлагаат земјите кандидати постепено да се вклучуваат во политиките и програмите на ЕУ уште пред полноправното членство, а техничките одлуки да се носат побрзо и поедноставно.
-
La Linea v6
699 ден
524.25 ден
Пораката е директна: билатералните прашања мора да се решаваат преку директни разговори меѓу самите држави или преку меѓународни механизми, со цел да не го попречуваат напредокот на кандидатите кон Унијата.
Европската комисија најавува крај на едногласноста?
Сличен притисок доаѓа и од самата Европска комисија, која во својот предлог-документ „Подготовки за поширока Унија“ (Preparing for a wider Union) отвора можност за суштински промени во механизмот на одлучување.
- Квалификувано мнозинство: Се предлага за одредени меѓучекори во преговорите да се отстапи од принципот на апсолутна едногласност.
- Обврска за новите членки: Идните земји членки (како Црна Гора во овој случај) би требало да се обврзат дека нема да го блокираат следното проширување поради билатерални спорови.
Тенката линија меѓу билатерален спор и европски услов
Додека поголемиот дел од ЕУ бара забрзување, земјите како Хрватска (и Бугарија во македонскиот случај) тврдат дека нивните барања не се само обични билатерални спорови, туку суштински дел од критериумите за „добрососедски односи“ кои се вградени во преговарачките рамки. Хрватска, на пример, барањата кон Црна Гора ги поврзува со воените злосторства и правата на жртвите, поради што моментно држи резерва за затворање на Поглавјето 14 (транспортна политика).
„Одредувањето што е билатерален спор, а што прашање на добрососедски односи, многу лесно може да стане политичко и арбитрарно. Границата меѓу пристапниот услов и билатералното прашање веќе не е само локален спор, туку тема за која се расправа на ниво на целата Унија“, се заклучува во анализите.


