
Од генетска гледна точка, двете овошја се исклучително блиски, а и двете припаѓаат на таканареченото коскесто овошје од семејството на розите, препознатливо по тврдата семка во средината на плодот. И бресквите и нектарините можат да имаат жолто или бело месо, а кај двете се среќаваат различни типови на семки – од оние што лесно се одвојуваат од месото, преку цврсто прилепените, до мешовитите варијанти.
Која има повеќе шеќер и калории?
-
Петок
699 ден
524.25 ден
Иако самото име „нектарина“ кај многумина создава впечаток дека станува збор за послатко овошје, нутритивната споредба покажува малку поинаква слика. Праската има нешто повеќе шеќер и калории од нектарината, иако разликата е мала и во секојдневната исхрана практично не претставува значајна разлика.
Ако споредиме една просечна бресква од околу 150 грама со нектарина од околу 140 грама, праската содржи приближно 63 калории, додека нектарината има околу 55 калории. Во однос на јаглехидратите, бресквата има околу 15 грама, од кои приближно 12,6 грама се шеќери, додека нектарината има околу 13 грама јаглехидрати и 11 грама шеќери.
Разликата во влакната е минимална – праската обезбедува околу 2,3 грама, а нектарината околу 2,1 грам. И кај протеините и мастите двете овошја се речиси изедначени, со околу 1,4 до 1,5 грама протеини и многу мала количина масти.
Кога станува збор за витамините и минералите, и двете се хранливо вреден избор, бидејќи содржат витамин C, витамин A, витамин E, нијацин и калиум. Праската има мала предност во количината на витамин C, додека нектарината содржи нијанса повеќе нијацин и витамин A.
Зошто нектарината често ни изгледа послатка?
Ако праската има малку повеќе природен шеќер, логично се поставува прашањето зошто нектарината често ни делува послатка. Одговорот не е само во количината на шеќер, туку и во киселоста, зрелоста и структурата на плодот. Нектарината обично има поцврсто месо и многу потенка кора, додека праската е помека, посочна и има карактеристична влакнеста површина.
На впечатокот за слаткост особено влијае сортата. Белите праски и белите нектарини обично имаат помала киселост и затоа можат да делуваат послатко од жолтите сорти, кои имаат поизразен и благо киселкаст вкус. Освен тоа, колку е плодот позрел и помек, толку повеќе доаѓа до израз неговата природна сладост.
Праската или нектарина – што е подобро за во кујна?
Иако може да се користат наизменично во голем број рецепти, разликата во структурата на месото станува особено важна кога овошјето ќе го ставите на висока температура. Токму тука нектарината и праската покажуваат различни кулинарски предности.
Нектарина за скара и печење
Поради поцврстото месо, нектарината е одличен избор за термичка обработка. Таа подобро ја задржува формата и не се распаѓа лесно при печење, што ја прави особено погодна за летна подготовка на скара. Исечена на покрупни парчиња и кратко запечена, добива привлечна карамелизирана површина, а нејзиниот природен вкус станува уште поизразен.
Едноставна комбинација со јогурт, свежо нане и малку мед може да ја претвори печената нектарина во брз и освежителен десерт, без потреба од сложена подготовка.
Праската за колачи и десерти
Праската, од друга страна, е особено погодна за сочни колачи и десерти, токму поради своето помеко и посочно месо. Таа одлично се вклопува во пити, домашни слатка и џемови, овошни сосови и салати, а нејзината текстура лесно се соединува со останатите состојки.
Сепак, и покрај сите овие разлики, наједноставниот начин на уживање во двете овошја останува истиот – добро измиени и свежи, кога се зрели, сочни и полни со природен вкус.
Како да изберете добар плод?
При купувањето, најдобро е да изберете плодови што под благ притисок на прстите малку попуштаат, што е знак дека се зрели и подготвени за јадење. Ако планирате да ги чувате подолго или да ги користите во подготовка подоцна, можете да изберете и нешто поцврсти плодови.
Без разлика дали ќе се одлучите за праската или нектарина, сезоната е најдобар момент да ги искористите нивниот природен вкус и сочност. Едната можеби е подобра за сочен домашен колач, а другата за кратко печење на скара, но и двете се дел од истото летно овошно уживање.


