во

Стерјовски во ОН: Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, пред Специјалниот известувач на Обединетите нации во Женева предупреди на растечките бугарски притисоци за асимилација и порача дека Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета на евроинтегративниот процес!
Берово те очекува
Pine & Co. – сместување во Берово, Македонија

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во Женева учествуваше на меѓународниот состанок со претставници на националните малцинства од целиот свет, организиран од Специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата на малцинствата, Николас Леврат. Обраќајќи се во седиштето на ОН во име на македонската заедница во Албанија, Стерјовски детално укажа на сериозните предизвици со кои се соочува македонското национално малцинство, особено во контекст на европската интеграција на земјата.

Во својот говор, тој нагласи дека Македонците се автохтоно национално малцинство во Албанија и лојални граѓани кои ги почитуваат државните институции и активно придонесуваат за развојот на општеството, но дека нивниот национален идентитет денес е изложен на сериозни закани и притисоци.

Предупредување за бугарските притисоци и обидите за наметнување идентитет

Посебно внимание Стерјовски посвети на, како што истакна, растечкиот политички притисок од страна на Бугарија врз Албанија, при што официјална Софија ја користи својата позиција како земја членка на Европската Унија и своето влијание во процесот на проширување за да ја унапредува сопствената национална агенда на албанска територија. Тој изрази длабока загриженост поради континуираното промовирање на тврдењата дека Македонците во Албанија се Бугари, како и поради обидите за наметнување бугарски идентитет преку политичко влијание, финансиски поттици и институционален притисок.

Според претседателот на МАЕИ, крајно неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како средство за притисок врз земјата да прифаќа политики што директно придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Тој децидно порача дека Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција, потенцирајќи дека малцинските права не смеат да бидат инструментализирани за геополитички цели и дека никому не смее да му биде наметнуван идентитет спротивен на неговото слободно право на самоопределување.

Недоволна институционална поддршка и социо-економски предизвици

Покрај надворешните политички притисоци, Стерјовски пред претставниците на Обединетите нации ги посочи и долготрајните внатрешни проблеми со кои се соочува македонската заедница во Албанија. Меѓу нив ги издвои недоволната институционална поддршка за зачувување и развој на македонскиот јазик и култура, ограничените можности за образование на мајчин јазик, како и недоволната политичка застапеност и учество во процесите на донесување одлуки.

Истовремено, тој предупреди и на тешките социо-економски предизвици во регионите каде што живеат Македонците, вклучувајќи ја забрзаната депопулација, миграцијата, ограничените можности за вработување и недоволните инвестиции во инфраструктурата и локалниот развој. Според него, овие фактори директно влијаат врз иднината и опстанокот на македонските населени места, а со тоа и врз зачувувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет.

Повик за официјална посета на Специјалниот известувач на ОН во Албанија

На крајот од своето обраќање, Стерјовски упати директен повик до Специјалниот известувач на ОН, Николас Леврат, да посвети посебно внимание на положбата на македонското малцинство и да оствари официјална посета на Албанија. Целта на ваквата посета би била тој лично да се сретне со претставници на македонската заедница и да ги посети областите населени со Македонци, за непосредно на терен да се запознае со нивната реална состојба и секојдневните предизвици.

Дополнително, тој побара од Специјалниот известувач да стапи во контакт со албанските власти и да ја нагласи нивната обврска за целосна заштита на правата на националните малцинства, согласно меѓународните стандарди за човекови права и обврските преземени во рамките на европската интеграција, заклучувајќи дека Албанија заслужува европска иднина, а македонското малцинство заслужува да биде рамноправен и почитуван дел од таа иднина. Инаку, учеството на претседателот на МАЕИ на овој значаен меѓународен форум во Женева беше реализирано со поддршка на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од Канада, со што прашањето за правата на Македонците во Албанија уште еднаш беше актуелизирано пред релевантните механизми на ОН.

Кул Маици - Попуст -25%

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Петер Маѓар со остра критика за предлог-буџетот на ЕУ: Финансирањето на Украина не смее да биде обврзувачки услов

Историски технолошки исчекор на Балканот: One Albania прв оператор во регионот што ќе ја тестира технологијата Direct-to-Device на SpaceX