
Секому му се случило. Ве фаќа потреба за тоалет, а WC нема никаде. Во автобус, на работа, на пат, во гужва или пред јавен тоалет во кој не би влегле ни со скафандер. Тогаш почнува тивката борба: стисни, издржи, уште малку.
-
Балтазар
699 ден
524.25 ден
Едно повремено одложување најчесто не е причина за паника. Телото знае како привремено да ја контролира потребата. Но, проблемот почнува кога тоа станува навика, а природниот сигнал од организмот секојдневно се игнорира.
Како телото успева да „издржи“?
Зад тој едноставен момент стои сериозна работа на мускулите и нервниот систем. Карличното дно, аналниот сфинктер и завршниот дел од дебелото црево заедно ја контролираат потребата за празнење.
Кога не сте блиску до тоалет, телото активира механизам за задржување. Се стегаат мускулите, се намалува притисокот за кратко време и затоа понекогаш чувството на итност како да исчезнува. Но тоа не значи дека потребата навистина поминала.
Кога задржувањето станува проблем
Кога ректумот се полни, тој испраќа сигнал дека е време за тоалет. Ако тој сигнал често се игнорира, столицата може да стане потврда, посува и потешка за исфрлање.
Најчеста последица е запек. Тоа може да значи поретко празнење, тешко празнење или чувство дека организмот не се ослободил целосно. Со време, ваквата навика може да донесе болки во стомакот, надуеност и непријатност.
Во потешки случаи, долготрајното задржување може да доведе до создавање тврда маса во цревата која тешко се исфрла без помош. Тоа веќе не е ситуација за трпење, туку причина да се побара лекарски совет.
Не глумете херој кога телото ве предупредува
Не постои исто правило за сите. Некои луѓе одат во тоалет повеќе пати дневно, други неколку пати неделно. Тоа зависи од исхраната, течностите, движењето и начинот на кој работи дигестивниот систем.
Сепак, редовното одложување не е добра навика. Дури и ако на почеток не чувствувате последици, организмот не сака да биде игнориран. Сигналот не доаѓа случајно.
Што да направите ако нема тоалет во близина?
Ако мора кратко да издржите, обидете се да ги стегнете мускулите на задникот и да останете исправени. Избегнувајте чучнување, бидејќи таа положба може дополнително да го поттикне празнењето.
Ова се само привремени решенија. Најважно е да најдете тоалет што е можно поскоро и да не го одложувате сигналот подолго од неопходното.
Кога треба да се побара лекар?
Ако често имате запек, силни болки, надуеност, изненадни нагони што не можете да ги контролирате или забележите промени што ве загрижуваат, најдобро е да разговарате со лекар.
Истото важи и ако имате проблем со контрола на гасови или столица. Тоа може да биде знак дека постои проблем со мускулите, нервите или функцијата на завршниот дел од цревата.
Одењето во тоалет е природна потреба, не слабост и не непријатност што треба постојано да се трпи. Неколку минути во WC се многу подобра опција отколку подоцна да се соочувате со проблем што можел лесно да се избегне.


