
Русија од денеска ги затвора сите железнички гранични премини кон Финска, Естонија и Латвија, со што се прекинува сообраќајот на седум премини долж нејзината северозападна граница. Потегот доаѓа во момент кога тензиите на источното крило на НАТО се зголемуваат, а балтичките земји ја зајакнуваат одбраната со бетонски бариери, ровови и засолништа.
-
La Linea v13
699 ден
524.25 ден
Според руската државна агенција ТАСС, Министерството за надворешни работи на Русија добило налог официјално да ги извести Финска, Естонија и Латвија за одлуката. Во уредбата се наведува дека од 1 јули 2026 година привремено се запира сообраќајот на патници, возила, стока и товар преку железничките гранични премини на одредени делови од руската државна граница.
Се затвораат ретки копнени врски со Европската Унија
Со оваа мерка се затвораат и премините во Псковската област, меѓу кои „Печори-Псковские“ на границата со Естонија и „Питалово“ на границата со Латвија. Тие беа меѓу ретките преостанати директни копнени сообраќајни правци меѓу Русија и државите од Европската Унија во тој дел од границата.
Иако одлуката е претставена како привремена, таа носи силна политичка порака. Северозападната руска граница станува сè позатворена, а регионот повторно личи на зона во која секој потег се чита како безбедносен сигнал.
НАТО го зајакна северот, Москва ја затегнува границата
Тензиите во овој дел од Европа растат особено по влезот на Финска и Шведска во НАТО. Финска, Естонија и Латвија во повеќе наврати предупредуваа на засилени руски воени активности, хибридни закани и притисок во близина на нивните граници.
Шведските безбедносни служби неодамна оценија дека Русија долгорочно останува една од најголемите закани за Алијансата. Според предупредувањата од Стокхолм, Москва веќе ја проширува воената инфраструктура долж источната граница на НАТО, а темпото може да се забрза кога ќе ги обнови капацитетите исцрпени од војната во Украина.
Балтикот реди „змејски заби“
Латвија веќе почна да поставува бетонски противтенковски пречки познати како „змејски заби“ долж границата со Русија. Станува збор за дел од проектот „Балтичка одбранбена линија“, кој треба да ја зајакне способноста за одбрана во случај на поголема безбедносна криза.
Слични пречки поставува и Естонија. Намерата е јасна: границата да не биде само линија на мапа, туку физичка пречка што може да го забави или блокира движењето на оклопни единици.
Дронови, закани и нови засолништа
Русија во април се закани со одмазда кон балтичките држави, обвинувајќи ги дека им дозволуваат на украински беспилотни летала да минуваат низ нивниот воздушен простор. Истовремено, зачестија случаите на навлегување руски дронови во воздушниот простор на земји членки на НАТО.
Во мај, за време на ноќни напади врз Украина, руски дрон влезе во воздушниот простор на Романија и се урна врз станбена зграда во Галаци, при што беа повредени двајца цивили.
Естонија неодамна во Талин го постави и првото модуларно армирано-бетонско јавно засолниште за заштита на цивилното население. Украина, пак, на границата со Белорусија во Черниговската област гради линии од „змејски заби“, поставува жичани пречки и го шири системот на одбранбени ровови.


