во ,

По стапките на своите родители: Александар стана галички зет точно 35 години подоцна

Зурлите и тапаните повторно одекнуваат низ Галичник, а старите камени улици денеска се сцена на вековните мијачки свадбени обичаи. Александар Пендароски и Мартина Михајлова ја крунисуваат својата љубов како главни младенци на „Галичка свадба 2026“.

Галичник денеска живее во ритамот на „Тешкото“. На Петровден, едно од најпознатите македонски села повторно стана центар на традицијата, песната, орото и автентичните свадбени ритуали.

Супер Попуст -25%

Во центарот на вниманието се Александар Пендароски и Мартина Михајлова, кои ќе се венчаат следејќи ги обичаите што со векови се пренесуваат низ мијачките семејства.

Семејна приказна што продолжува по 35 години

Годинашната свадба има посебно значење за семејството на младоженецот. Точно 35 години по првата современа Галичка свадба во 1991 година, на која се венчале родителите на Александар, нивниот син денеска станува галички зет.

За Александар ова не е само свадбена свеченост, туку продолжување на длабоката семејна врска со Галичник. Мартина, пак, ја опиша улогата на галичка невеста како голема чест и можност да стане дел од една од највредните македонски традиции.

Денот започна со древните галички обичаи

Недела, 12 јули, е кулминацијата на тридневната манифестација. Програмата опфаќа дел од најпознатите ритуали, меѓу кои „канење на мртвите“, „канење на кумот“, бричење на зетот, „гледање низ прстен“, тргнување по невестата и дарување.

Младенците ќе се венчаат во храмот „Св. Петар и Павле“, а потоа ќе продолжат останатите традиционални церемонии.

Завршницата е резервирана за свеченото испраќање на зурлаџиите и тапанџиите, со што симболично завршува годинашната галичка свадбена приказна.

„Тешкото“ повторно го оживеа духот на Мијачијата

Главните свадбарски обичаи започнаа уште во саботата. Програмата годинава беше збогатена со ритуалите „китење на ситото“ и „замесување на сваќата“, кои првпат беа претставени пред публиката во рамките на современата манифестација.

Следуваа пречекот на тапаните, китењето на свадбарскиот бајрак и традиционалното „фрлање три пушки“ од куќата на зетот.

На платото пред чешмата „Упија“ беа изведени свекрвиното и невестинското оро, а еден од најсилните моменти беше настапот на ансамблот „Танец“ со легендарното „Тешкото“.

Со достоинствените чекори, писокот на зурлите и силниот ритам на тапаните, орото уште еднаш ја оживеа историјата на мијачкиот крај.

Невестата по вода од трите галички чешми

Меѓу најсликовитите моменти беше традиционалното одење на невестата по вода од трите галички чешми. Придружувана од свадбарите, Мартина го изведе ритуалот што со векови бил дел од свадбениот живот во Галичник.

Автентичните носии, песните и обичаите привлекоа неколку илјади посетители од земјава и странство, кои три дена имаат можност да ја почувствуваат атмосферата на некогашните галички свадби.

Традиција што навистина живее

„Галичка свадба“ не е само сценска реконструкција. Во селото навистина се венчаваат младенци, семејствата учествуваат во ритуалите, а старите обичаи повторно се изведуваат онака како што се пренесувале со генерации.

Организатор на манифестацијата е Месната заедница „Галичник“, покровител е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а поддршка обезбедува Министерството за култура и туризам.

За посетителите е воведен посебен сообраќаен режим, а организаторите апелираат празничната атмосфера да се одвива со почитување на природата, чистотата и уникатната убавина на Галичник.

Погледнете уште

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Граната тешка 13,6 килограми пронајдена на плажа кај Дојранското Езеро

Уставниот суд со остра порака до партиите: Не нè вовлекувајте во политички пресметки