
Техеран испрати остро предупредување до Софија да не дозволи бугарската територија и воените бази да бидат користени за поддршка на американските операции против Иран. Од иранското Министерство за надворешни работи порачаа дека таквиот потег би можел да ја претвори Бугарија во директен соучесник во воената ескалација.
-
Dolce & Kafana
699 ден
524.25 ден
Предупредувањето пристигна откако бугарската влада побара парламентарно одобрение за привремено распоредување до осум американски авиони-танкери КС-135 и до 250 припадници на вооружените сили на САД во воздухопловната база „Безмер“.
Предлогот веќе доби поддршка од парламентарната Комисија за одбрана, но конечниот збор треба да го даде Народното собрание на пленарна седница.
Техеран обвинува за соучество во агресија
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека секоја логистичка или оперативна помош што би ги олеснила американските напади врз Иран ќе се смета за соучество во, како што рече, „агресија и воени злосторства“.
Тој ја повика Бугарија да не им дозволи на американските сили да ги користат нејзината територија, воздушниот простор или воените објекти за активности насочени против Иран.
Багаи се повика и на Резолуцијата 3314 на Генералното собрание на Обединетите нации, според која отстапувањето територија на друга држава за извршување напад врз трета земја може да биде третирано како чин на агресија.
Софија се повикува на договорот со Вашингтон
Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека американското барање било доставено со дипломатска нота на 17 јули и дека е поврзано со поддршка на операциите на САД на Блискиот Исток.
Според бугарската влада, распоредувањето се заснова на Договорот за соработка во одбраната меѓу Бугарија и САД од 2006 година, со кој базата „Безмер“ е определена како објект за заедничка употреба.
Министерот за одбрана Димитар Стојанов изјави дека нема причина за загриженост поради присуството на американските авиони. Бугарското Министерство за надворешни работи, пак, соопшти дека земјата не презема непријателски активности против Иран и дека од бугарска територија нема да се изведуваат воени напади на Блискиот Исток.
Иран предупредува дека ќе има последици
Иранскиот портпарол порача дека Техеран нема да се двоуми да ги брани своите национални интереси и безбедност. Според него, секоја држава што ќе учествува во воени дејства против Иран ќе мора да сноси одговорност за последиците.
Предлогот што е доставен до бугарскиот парламент предвидува американските војници и воздухопловната техника да обезбедуваат поддршка за операциите на САД на Блискиот Исток.


