во ,

Огнен обрач околу Атина: Десетици пожари беснеат низ Грција

Огнот повторно ја стави јужна Европа на нозе – десетици пожари беснеат низ Грција, додека илјадници луѓе се евакуирани и во Франција.

Грција останува во состојба на максимална готовност поради шумските пожари што избувнаа во повеќе делови од земјата. Пожарникарите се борат со активни фронтови во близина на Атина, на Пелопонез, во централниот дел на земјата и на островот Крит.

Супер Попуст -25%

Според грчките власти, од петокот наутро биле регистрирани повеќе од 73 пожари. Високите температури, сувата вегетација и силните ветрови го забрзуваат ширењето на пламенот и ги отежнуваат воздушните операции.

Огнот се закани на населбите западно од Атина

Критична останува состојбата во крајбрежните области околу 60 километри западно од Атина. Пожарникарски авиони уште од раните утрински часови го гаснеа огнот во близина на Порто Гермено, каде пламените јазици во текот на ноќта се приближиле до населени места.

Жителите на Порто Гермено, Псата и околните области добиле наредби за евакуација. Дел од луѓето биле извлечени со бродови, бидејќи огнот и густиот чад ги загрозиле копнените патишта.

Во поширокото атинско подрачје брз пожар се проширил и по планината Поикило, стигнувајќи до периферијата на населбата Хаидари. Како мерка на претпазливост биле евакуирани и 17 пациенти од психијатриската болница „Дафни“.

Над 250 луѓе евакуирани по морски пат

Една од најголемите операции била спроведена во Беотија, северозападно од Атина. Противпожарната служба и крајбрежната стража со бродови евакуирале повеќе од 250 жители и посетители од подрачјето зафатено со огнот.

Пожарите продолжија и на северозападниот дел од Пелопонез. На Крит состојбата се подобрила, но екипите и натаму ги следат жариштата по фронт долг околу 15 километри.

Силните налети на ветер остануваат најголемата опасност. Тие можат за кратко време повторно да го разгорат огнот и да ги приземјат авионите и хеликоптерите за гасење.

Нова евакуација на 2.500 луѓе во Франција

Истовремено, пожарот повторно се активирал во францускиот департман Вар. Поттикнат од силниот мистрален ветер и температурите блиску до 40 степени, огнот за само шест часа зафатил околу 1.000 хектари.

Околу 2.500 луѓе биле евакуирани во близина на масивот Гро Бесијон, додека селото Корен останало отсечено поради непроодните патишта. На терен биле распоредени 700 пожарникари, шест хеликоптери, осум авиони „Канадер“ и два авиони „Даш“.

Станува збор за повторно активирање на пожар кој претходно бил ставен под контрола, откако веќе уништил околу 4.500 хектари. Ветрот и екстремната жештина повторно ги разгореле жариштата.

Сушата ја претвора Европа во запалив терен

Франција, Грција, Шпанија и Турција ова лето се соочуваат со серија големи шумски пожари. Долгите периоди без дожд ја исушија вегетацијата, додека топлотните бранови создаваат услови во кои огнот се шири со огромна брзина.

Научниците предупредуваат дека климатските промени ги прават ваквите услови почести и поинтензивни. Европа е континентот што најбрзо се загрева, а пожарникарските служби сè почесто се соочуваат со повеќе големи фронтови во исто време.

Сподели:
Есенски Попуст -25%

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Одморот стана луксуз: Секој четврти Европеец не може да отпатува

Уапсен на аеродром: Турчин осомничен за убиството на Људмила