
„Историски буџет“, а празни џебови за војниците: Петровска го „расклинка“ Мисајловски за платите во Армијата
Жестока дебата се отвори на македонската политичка сцена околу состојбата во одбраната. Поранешната министерка и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, упати остри критики кон својот наследник Владо Мисајловски, обвинувајќи го за лицемерие во однос на новиот Буџет за 2026 година. Според неа, зад бомбастичните најави за „историски најголеми средства“, се крие горчливата вистина – стандардот на војниците стагнира веќе две години.
Парадоксот на Мисајловски: Пари има за сè, освен за луѓето
-
Пулсот на пивото
699 ден
524.25 ден
Петровска го отвори прашањето кое ги мачи илјадници припадници на Армијата: Каде одат парите ако не кај оние што ја бранат државата? Таа се повика на информациите од репрезентативниот синдикат, кои добиле „ладен туш“ од министерот – зголемување на платите нема да има.
„Министерот се фали дека буџетот е историски најголем, но синдикатот тврди дека веќе две години нема покачување. Дали растот е реален или само фиктивен?“ прашува Петровска. Нејзината поента е јасна: ако буџетот навистина расте, тогаш паралелно со набавката на опрема и модернизација, мора да расте и животниот стандард на вработените.
„Нема силна држава со незадоволни војници“
Во својата реакција, таа ја истакна суштината на одбранбениот систем – човечкиот фактор. Според Петровска, џабе се инвестициите во техника ако луѓето кои треба да ракуваат со неа се демотивирани и загрижени за својата егзистенција.
„Нема силна држава без силна одбрана, а нема силна одбрана без задоволни и мотивирани припадници. Кога си на власт, мора да нудиш решенија, а не изговори,“ порача таа, алудирајќи на тоа дека актуелната власт не успева да го менаџира буџетот во корист на персоналот.
Фрлена ракавица: Две години бегање од ТВ дуел
На крајот од својата објава, Петровска упати директен предизвик, обвинувајќи го Мисајловски за кукавичлук и ширење лаги. Таа потсети дека веќе две години чека министерот да собере храброст и да се соочи со неа пред камерите.
„Чекам да одговориме на многу прашања, а богами и да разобличам многу лаги кои тој ги шири,“ заклучи Петровска, повикувајќи го Мисајловски конечно да прифати ТВ дуел и да ги соочат аргументите пред јавноста.


