
Еден загинат и осуммина повредени
Обединетите Арапски Емирати соопштија дека танкерите „Момбаса“ и „Ал Бахија“ биле погодени со две ирански крстосувачки ракети додека пловеле по јужната рута низ Теснецот.
-
La Linea v13
699 ден
524.25 ден
Во нападот загинал еден индиски државјанин, а осум лица биле повредени. Четворица од нив се здобиле со сериозни повреди. Меѓу повредените има шестмина Индијци и двајца Украинци.
ОАЕ го осуди нападот како грубо кршење на меѓународното право и директна закана за регионалната стабилност, светската трговија и енергетската безбедност.
Иран призна дека ги погодил танкерите
Иранската револуционерна гарда ја презеде одговорноста за нападот. Оттаму тврдат дека танкерите ги игнорирале повторените предупредувања и се обиделе да поминат низ минирана област.
Според иранската страна, бродовите биле погодени и онеспособени откако не ги почитувале наредбите. ОАЕ ги отфрла овие оправдувања и го задржува правото да одговори на ескалацијата.
Трамп најави блокада и наплата за премин
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД повторно ја воспоставуваат поморската блокада на иранските пристаништа и ја преземаат контролата врз Ормускиот Теснец.
Трамп најави дека Вашингтон ќе бара надомест во висина од 20 проценти од вредноста на товарот за обезбедување безбеден премин. Според него, сите земји ќе можат да го користат Теснецот, додека движењето кон и од иранските пристаништа ќе биде блокирано.
Иранското Министерство за надворешни работи возврати дека Техеран останува чувар на Теснецот и дека има право да управува со сообраќајот низ него.
Американски удари врз повеќе делови на Иран
Американската Централна команда соопшти дека во новиот бран биле погодени ирански крајбрежни одбранбени системи, ракетни и беспилотни позиции, како и поморски капацитети.
Нападите биле извршени во околината на Бандар Абас, Бушер, Чабахар, Џаск, Конарак и островот Абу Муса. Трамп изјави дека ударите ќе продолжат, но додаде дека договор со Иран сè уште е можен.
Иран возврати низ регионот
Во рамките на пошироката ескалација, Иран лансираше ракети и беспилотни летала кон Бахреин, Кувајт и Јордан. Јорданската војска соопшти дека пресретнала четири ирански ракети.
Ормускиот Теснец е клучна рута за светската трговија со нафта и гас, а секое подолго нарушување на пловидбата може да предизвика нов раст на цените и сериозни проблеми во меѓународниот транспорт.


