
Отсуството на конкретни информации за престојот на министерот за надворешни работи и меѓународна трговија Тимчо Муцунски во Соединетите Американски Држави отвори прашања во јавноста за тоа на кој точно настан учествува македонскиот дипломат. Од Министерството за надворешни работи потврдија дека станува збор за економско-инвестициски настан организиран од World Economic Forum, но не открија дополнителни детали.
-
La Linea v6
699 ден
524.25 ден
Во кусото соопштение од ресорот наведуваат дека министерот присуствува „по покана“ на средба на која учествуваат селектирана група актуелни и поранешни премиери, министри и претставници на водечки светски компании. Според МНР, јавноста ќе биде информирана за активностите на министерот дури по завршувањето на настанот.
Нема најавен голем настан на Светскиот економски форум
Јавните информации покажуваат дека во овој период нема официјално најавен голем настан на World Economic Forum во САД. Главниот годишен самит на организацијата – World Economic Forum Annual Meeting 2026 – веќе се одржа во Давос во јануари.
Ова отвори шпекулации дека можеби станува збор за затворена лидерска средба поврзана со програмата Forum of Young Global Leaders, глобална мрежа на млади политички и бизнис лидери во која минатата година беше избран и министерот Муцунски.
Можно поврзување со програмата на Харвард
Една од можните индикации води кон програмата “Global Leadership and Public Policy for the 21st Century” која се одржува од 5 до 13 март на Harvard Kennedy School во Бостон. Програмата собира политичари, министри и корпоративни лидери од повеќе земји и често е поврзана со иницијативите на World Economic Forum.
Временскиот период на овој настан се совпаѓа со престојот на Муцунски во САД. Тој во меѓувреме се вклучи преку видео врска на седницата на Советот за безбедност кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова, што дополнително потврдува дека во тој момент се наоѓал во Америка.
Сепак, засега нема официјална потврда дека токму оваа програма е настанот на кој присуствува министерот. Од МНР не откриваат ниту во кој град во САД се одржува средбата.
Недостигот на конкретни информации повторно ја отвора дебатата за транспарентноста на активностите на државните функционери во странство, особено кога станува збор за форуми каде што се дискутираат глобални економски и политички прашања и каде што учествуваат носители на одлуки од највисоко ниво.

