
Додека Доналд Трамп јавно се закануваше со целосно уништување на Иран, зад затворени врати се одвивала брза и тивка дипломатска операција што на крај довела до двонеделно примирје и привремено отворање на Ормускиот Теснец.
Според информациите објавени од Аксиос, пресвртот дошол откако врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, им дал јасна инструкција на своите преговарачи да се обидат да постигнат договор со САД. Тоа, според истиот извештај, било прв ваков чекор од почетокот на конфликтот.
-
Јас сум толку стар
699 ден
524.25 ден
Во исто време, американските и израелските сили веќе биле подготвени за сериозна воена кампања насочена кон иранската инфраструктура. Додека светот ја следел агресивната реторика на Трамп, во позадина посредници од Пакистан, Египет и Турција работеле на координација и усогласување на иранските предлози.
Хамнеи комуницирал преку курири, а Аракчи ја туркал клучната линија на договорот
Во анализата се наведува дека Хамнеи бил директно вклучен во процесот, но поради закани од атентат комуницирал преку курири. Токму неговото конечно „зелено светло“ овозможило разговорите да влезат во фаза во која договорот станал реална опција.
Клучна улога, според истите наводи, имал и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, кој ги водел разговорите и истовремено се обидувал да го убеди Корпусот на исламската револуционерна гарда да го прифати договорот. Тоа било еден од најчувствителните делови од целиот процес, бидејќи без внатрешна согласност во Иран, примирјето тешко ќе можело да добие реална форма.
Иако преговорите напредувале, Трамп продолжил со остри изјави. Во еден момент, како што се наведува, порачал дека „целата цивилизација ќе умре“, што дополнително внесло збунетост и кај неговите соработници и кај дел од сојузниците. До последен момент не било јасно дали навистина ќе прифати пауза во борбите или ќе даде зелено светло за поширока воена акција.
Два телефонски разговори, па пресврт од последен момент
Според извештајот, клучниот пресврт се случил по разговорите на Трамп со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со пакистанскиот фелдмаршал Асим Мунир. По тие контакти, американскиот претседател го прифатил двонеделниот прекин на огнот, а американските сили добиле наредба за повлекување само 15 минути по објавувањето на договорот.
Договорот, според објавеното, предвидува и повторно отворање на Ормускиот Теснец за бродски сообраќај, во координација со иранските сили. Но, и покрај тоа, остануваат сериозни нејаснотии. Не е целосно прецизирано во кој обем ќе се одвива пловидбата, ниту колку строго Нетанјаху ќе се придржува до договорениот прекин на огнот.
Во меѓувреме, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, треба да ја предводи американската делегација на наредните разговори во Пакистан, кои според најавите треба да почнат во петок. Но и покрај ова привремено смирување, разликите меѓу американската и иранската визија за траен договор остануваат големи, што значи дека опасноста од нова ескалација сè уште не е тргната од маса.


