
Франција ја пушти во погон „Орион 26“, тримесечна воена мега-вежба што треба да покаже дали европските армии навистина можат да се движат, да се снабдуваат и да дејствуваат како една сила кога сценариото станува висок интензитет.
Вежбата стартуваше вчера и ќе трае до 30 април, со симулација во која измислена држава се обидува да дестабилизира друга земја за да го попречи нејзиното приклучување кон Европската Унија. На хартија изгледа како „фикција“, но пораката е реална: Европа се подготвува за ситуации во кои притисокот не доаѓа само со дипломатија, туку и со комбинирани операции на копно, море, воздух и во сајбер-просторот.
-
Балтазар
699 ден
524.25 ден
Бројките се на ниво на спектакл што не се гледа често: 12.500 војници, 25 воени бродови со носачот на авиони „Шарл де Гол“, 140 авиони и хеликоптери, 1.200 дронови и учество на вооружени сили од 24 земји, меѓу кои се спомнуваат Јапонија, Швајцарија, Мароко и САД. Француското Министерство за вооружени сили ја опиша вежбата како клучна за подготовка за сценарија со висок интензитет и за дејствување во сложени, разновидни и контроверзни средини.
Од април „Орион 26“ преминува под команда на НАТО, со цел да се провери колку брзо и колку чисто европските армии можат да функционираат во заедничко командување. Во таа фаза се вклучуваат три бригади, 2.150 тактички возила и 40 хеликоптери, плус капацитети за сајбер и вселенско војување. Планирани се симулации на борбени операции на отворен терен, контранапади и преминување природни пречки, вклучително и реки како Сена и Об, со употреба на боева муниција.
Клучниот тест не е само „колку тенкови и авиони имаш“, туку дали синџирот од командување до логистика држи вода. Вежбата треба да ја измери способноста на Франција да води мултинационална коалиција, како и ефикасноста на комуникациските и снабдувачките линии кога темпото е високо, а грешките стануваат скапи.
Покрај маневрите, „Орион 26“ вклучува и обука на француски резервисти од сите родови, како и кибер-вежби на виртуелни мрежи и сценарија што ја допираат вселенската димензија. Со други зборови, не се тренира само фронтот, туку и нервниот систем на модерната армија: информацијата, координацијата и отпорноста кога некој ќе се обиде да ти ја исклучи светлината пред да почне битката.


