
Ормутскиот теснец повторно влезе во зона на опасна неизвесност. Еден напад врз товарен брод беше доволен за Обединетите нации да ја стопираат планираната евакуација на илјадници морнари заглавени во еден од најважните поморски коридори во светот.
-
La Linea v1
699 ден
524.25 ден
Меѓународната поморска организација при ОН ја суспендираше операцијата за евакуација, откако брод бил погоден додека пловел во близина на Оман. Според британската агенција UKMTO, бродот бил погоден од непознат проектил на околу 7,5 наутички милји југоисточно од оманското пристаниште Дахит.
Нема информации за повредени или загинати, но пораката од инцидентот е јасна. Безбедноста во Ормутскиот теснец повторно виси на тенок конец.
Според информации од компании за поморски ризици и меѓународни медиуми, станува збор за товарниот брод Ever Lovely, кој плови под знамето на Сингапур. И покрај нападот, бродот продолжил со пловидба низ теснецот.
Американски извори тврдат дека зад нападот стои Иран, но официјално нападот сè уште се води како инцидент со непознат проектил. Токму затоа ММО реши да ја замрзне операцијата додека не добие појасна слика за ризикот.
Евакуацијата запре во најчувствителен момент
Генералниот секретар на ММО, Арсенио Домингез, порача дека безбедноста на морнарите останува највисок приоритет. Дел од бродовите веќе биле извлечени од опасната зона, но новиот напад ја промени целата динамика.
Операцијата требаше да помогне во извлекување на повеќе од 11.000 морнари и стотици трговски бродови кои со месеци се заглавени во регионот. Планот беше објавен откако Ормутскиот теснец повторно беше отворен, но сега секој чекор ќе се преиспитува.
Домингез нагласи дека нападнатиот брод не бил дел од официјалната операција на ММО. Сепак, фактот дека нападот се случил во истата зона беше доволен за да се запали алармот.
Иран предупредува, Вашингтон возвраќа
Иранското тело задолжено за управување со пловидбата низ теснецот предупреди дека безбеден премин ќе имаат само бродовите што се движат по одобрените рути. За сите други, одговорноста ќе ја носат сопствениците, операторите и капетаните.
Ова предупредување доаѓа во момент кога САД остро се спротивставуваат на најавите од Техеран за воведување такси за поморски услуги при преминување низ Ормут.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој престојува во Бахреин во рамки на регионална турнеја, порача дека Ормутскиот теснец е меѓународен воден пат. Според Вашингтон, ниту една држава не треба да воведува патарини за негово користење.
Ормутскиот теснец е една од клучните светски артерии за транспорт на нафта и природен гас. Секое нарушување таму веднаш се чувствува на пазарите, во цените на горивата и во глобалните синџири на снабдување.
По меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, потпишан на 17 јуни, цените на суровата нафта почнаа да се стабилизираат. Но новиот напад повторно покажа дека во Ормут мирот може да трае само до следниот проектил.


