во

Официјално живеел од социјална помош, а зад себе криел нарко-империја: Србин осуден на 11 години затвор и казна од 7,7 милиони евра во Австрија

Австриски суд осуди 36-годишен српски државјанин на 11 години затвор и му наложи во рок од 14 дена да уплати 7,7 милиони евра во државниот буџет, откако истрагата откри дека додека официјално примал надоместок за невработени и социјална помош, бил дел од моќна мрежа за производство на канабис и шверц на стотици килограми кокаин!
Берово те очекува
Pine & Co. – сместување во Берово, Македонија

Австриски суд осуди 36-годишен маж на 11 години затвор поради учество во голема криминална мрежа за производство и меѓународна трговија со наркотични средства. Според наводите на обвинителството, криминалната група дејствувала на територијата на Виена, Долна Австрија и Бургенланд, каде што организирала нелегални лаборатории и плантажи за одгледување канабис.

Како што пренесуваат австриските медиуми, групата меѓу другото организирала нелегално производство во местата Фрауенкирхен и Пурбах, каде што биле произведени повеќе од 300 килограми цветови од канабис. Сепак, активностите не се ограничувале само на марихуана – истрагата покажала дека осудениот во текот на 2020 и 2021 година нарачал и две пратки кокаин од по 200 килограми, за кои се претпоставува дека потекнувале од Колумбија. На судењето било истакнато дека станувало збор за кокаин со висока чистота, спакуван во блокови, чија цена во тој период изнесувала околу 38.000 евра за килограм, а дистрибуцијата одела преку посредници и големи купувачи.

Криптираните телефони и сведочењето на сопругата ја разоткриле мрежата

Еден од клучните докази во истрагата биле разговорите и пораките разменувани преку криптирани телефони. Убедени дека нивната комуникација е целосно заштитена од полициски надзор, членовите на групата отворено разговарале за криминалните активности, а наводниот водач на групата се фалел со фотографии од луксузни патувања, скапи часовници, големи суми готовина и златни прачки.

Особено внимание кај истражителите привлекле финансиските околности на обвинетиот, кој официјално се водел како невработен и примал надоместок за невработени, додека неговата сопруга користела социјална помош. При првичното полициско испрашување, тој ја негирал вмешаноста и тврдел дека гласот од запленетиот телефон не е негов, но неговата сопруга го препознала гласот, а против него сведочеле и неколку соучесници.

Пресврт на судењето: Го призна делото, а за кокаинот го обвини извесен „Тер“

Голем пресврт се случил на самото судење, кога неговиот бранител, познатиот виенски адвокат Рудолф Мајер, соопштил дека клиентот одлучил да ја признае вината. На прашањето од судијата дали ја признава вината по сите точки од обвинението, 36-годишникот кратко одговорил: „Да“, по што одлучил да се брани со молчење за да се избегне детално сослушување на сведоците – потег кој неговиот адвокат го објаснил со стравот од можни последици во криминалните кругови, каде што сведочењето се смета за предавство.

Во своето изјаснување тој признал дека помагал во техничкото и градежното опремување на плантажата во Фрауенкирхен, дека внел 112 килограми канабис во Австрија и дека бил вклучен во работата на други нелегални насади. За кокаинот тврдел дека направил грешка и бил вовлечен во замка од маж со прекар „Тер“, кој му го понудил кокаинот и му дал криптиран телефон со уверување дека е безбеден.

Кога обвинителот го соочил со наводите дека преку банкарски сметки префрлил милиони евра и купувал недвижности во Србија, обвинетиот тврдел дека не заработил повеќе од 20.000 до 30.000 евра. На забелешката дека само на својата мајка ѝ испратил 30.000 евра, се правдал дека купувал и поправал автомобили преку огласи на страницата „Willhaben“, додека за недвижностите во Србија одбил да зборува. За фотографиите со „Ферари“ тврдел дека биле направени во Шпанија каде што играл американски фудбал и дека само го пробал возилото, а признал и дека во 2019 година користел анаболички стероиди, но негирал дека консумирал дрога.

Казна од 7,7 милиони евра и необична сцена во судницата

Судот му изрекол казна од 11 години затвор на 36-годишникот, кој претходно не бил осудуван, а како олеснителна околност било земено неговото признание со кое бил избегнат долг судски процес што можел да трае до почетокот на летото. Дополнително, судот му наложил во рок од 14 дена да уплати 7,7 милиони евра во државниот буџет или ќе следува присилна наплата – сума која ја претставува само проценетата вредност на произведениот канабис, без во неа да бидат вклучени 400-те килограми кокаин.

По изрекувањето на пресудата се случила и необична сцена во судницата, кога наместо да разговара за жалба, адвокатот Рудолф Мајер веднаш му порачал на клиентот: „Прифати! Кажи да!“. Откако судијата му дозволил да ја напушти судницата за кратка консултација со адвокатот, обвинетиот по кратко двоумење тивко ја прифатил казната од 11 години затвор, а целото судење завршило за само еден час и 45 минути.

Кул Маици - Попуст -25%

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хрватска и Словенија поставуваат нови билатерални услови пред европскиот пат на Црна Гора и Србија

Кој ќе ја претставува СНС на претседателските избори во Србија: Вучиќ е против учество, но аналитичарите посочуваат потенцијален кандидат