
Младенчето на јапонски макак Панч, кое стана светска интернет-сензација, денеска го слави својот прв роденден. Во зоолошката градина во јапонскиот град Ичикава пристигнале илјадници честитки од различни делови на светот.
-
Апсана
699 ден
524.25 ден
Панч ја привлече јавноста откако неговата мајка го отфрлила. Утеха пронашол во плишена играчка во форма на орангутан, која постојано ја прегрнувал како замена за мајчинската близина.
Снимките со играчката го освоија интернетот
Зоолошката градина од февруари почнала да објавува снимки од неговите обиди да се вклопи меѓу другите макаки. Видеата брзо се прошириле на социјалните мрежи под ознаката #HangInTherePunch.
Корисниците од целиот свет го следеле неговото растење, првите контакти со другите мајмунчиња и постепеното одвојување од плишената играчка.
Претставникот на зоолошката градина, Такаши Јасунага, изјавил дека Панч е во добра здравствена состојба и сè поуспешно се социјализира.
„Сè помалку се потпира на плишената играчка. Комуницира со другите животни и си игра со младите макаки. Постепено го зазема своето место во групата“, изјавил Јасунага.
Неговата популарност ѝ помогна на зоолошката градина
Бројот на посетители значително се зголемил откако приказната за Панч станала позната. До средината на јули биле собрани околу 58 милиони јени, односно приближно 350.000 долари во донации.
Средствата биле искористени за подобрување на условите во зоолошката градина, вклучително и за поставување нов систем за климатизација.
По повод неговиот прв роденден, во зоолошката градина биле изложени околу 2.500 честитки испратени од неговите обожаватели.
Популарноста донесе и несакани инциденти
Огромниот интерес предизвикал и проблеми. Американски јутјубери неовластено влегле во просторот наменет за мајмуните, додека друг посетител ги вознемирувал животните со ласер.
Панч сега најголемиот дел од денот го минува одморајќи во сенка. Поактивен е во доцните попладневни и раните вечерни часови, кога температурите се пониски.


