во , ,

10 Трикови и совети со кои сигурно ќе оставите добар впечаток на интервју за работа

Интервјуто за работа може да биде навистина стресно искуство, но добрата подготовка сигурно ќе ви помогне барем малку да се ослободите од грижите и стравот.



Кога станува збор за интервју за работа, првиот впечаток може да биде најважен, па добро би било да обрнете посебно внимание на тоа.

Во пандемијата можеби поголем дел од интервјуата се сега онлајн, но независно дали имате интервју онлајн или во канцеларија со маски, треба да обрнете внимание на некои трикови.

Во продолжение погледнете неколку совети и трикови што ќе ви помогнат да оставите добар впечаток:

Смирете се со едноставен трик

Нормално е да бидете исплашени и под стрес пред интервјуто за работа, но постои навистина едноставен трик што ќе ви помогне колку-толку да се смирите, но и да изгледате посамоуверено.

Пред да влезете на интервјуто, обрнете внимание на држењето на телото – исправете го грбот, кренете ја главата и, едноставно, застанете како личност полна самодоверба. Според некои истражувања, ова е сосема доволно за да се почувствувате посигурно во себе.

Избегнувајте нападна шминка

На интервју за работа најдобро е да носите што е можно поприродна шминка. Ова значи дека е најдобро да избегнувајте темни сенки, големи вештачки трепки и кармини со силна боја. Доволно е да нанесете пудра, маскара и сенка и кармин со неутрална боја.

Внимателно одберете ги модните додатоци

Модните додатоци можат да ви помогнат да изгледате како сериозна и самоуверена личност, па одбирајте ги внимателно. Како со шминката, и во овој случај следете го правилото „помалку е подобро“. Односно, избегнувајте голем и впечатлив накит.

Запомнете го името на личноста која ве интервјуира

Покрај најважните информации за компанијата во којашто аплицирате, добро би било да го запомните и името на личноста која ќе ве интервјуира.

Ако не ви кажале име пред интервјуто, внимателно слушајте кога ќе ви се претстават. Уште подобро ако го искористите името во текот на интервјуто – со ова ќе оставите многу подобар впечаток.

Зборувајте јасно и самоуверено за вашите јаки страни и досегашни достигнувања

Нема потреба да глумите скромност на интервјуто за работа, но внимавајте и да не претерате. Јасно и самоуверено зборувајте за сите ваши достигнувања и вашите силни страни, а најдобро е однапред да се подготвите за тоа. Пред интервјуто, размислете како е најдобро да ги споделите вашите претходни искуства и немојте да се потценувате.

Бидете отворени и за вашите недостатоци

Морате да се подготвите да одговорите и на прашањата за вашите слаби страни. Нормално, внимавајте да не се прикажете во лошо светло, но бидете искрени. Ако, на пример, немате доволно искуство, кажете го тоа, но додадете дека сте подготвени да учите и постојано да се надградувате.

Не плашете се да ја покажете смислата за хумор

Многу истражувања покажале дека смислата за хумор дефинитивно ве прaви попривлечна личност, но и дека може да ви помогне полесно да се адаптирате на нова околина.

Затоа, не плашете се да кажете и некоја шега на интервјуто, но, се разбира, немојте да претерате.

Внимавајте на интонацијата

Дури и најмоќниот говор може да звучи досадно ако не обрнете внимание на интонацијата. Затоа, на интервјуто за работа бидете ведри и зборувајте со страст.

Искористете ја моќта на говорот на телото

Кимањето со главата изгледа едноставно, но има огромна моќ. Кога кимате со главата додека зборувате, неретко соговорникот несвесно ќе почне да ве имитира, а со тој гест веќе покажува дека се согласува со вас.

На пример, на интервјуто за работа можете да пробате да кимате со главата додека зборувате за вашите силни страни. Со овој едноставен трик, добрите нешта што ги кажувате за себе ќе звучат поуверливо за работодавецот.

Немојте веднаш да почнувате дискусија за плата

И вам и на работодавецот ви е јасно дека ви е важно колкава ќе биде платата, но немојте уште веднаш да почнете да зборувате за ова. Експертите препорачуваат дека ќе оставите многу подобар впечаток ако малку го одложите овој разговор. Уште подобро ако почекате работодавецот да почне да зборува за темата.

Ако ве прашаат колкава плата би сакале, прво добро распрашајте се за работните обврски и слично, па потоа дадете одговор.

Што мислиш?

30 Поени
Upvote Downvote

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пар упропастил изложба на современа уметност вредна 500.000 долари на многу бизарен начин

Зошто изборот да се биде сам не е срамен, туку вистински показател дека се сакаме себеси