
Ако барате лесен, посен и исклучително вкусен оброк, полнетите пиперки со ореви и зеленчук се вистинскиот избор.
Овој рецепт ги спојува едноставните состојки во јадење кое прија и за време на пост и кога сакате нешто поинакво, мирисно и здраво. Тајната состојка која им дава посебна арома и богат вкус се мелените ореви.
Состојки:
- 8 пиперки (бабури)
- 2 главици кромид
- 2 моркови
- 1 шолја ориз
- 4 чешниња лук
- 10 лажици масло
- 1 шолја мелени ореви
- Сол, бибер и зачини по желба
- 100 мл сок од домати
- 1 лажица брашно
Подготовка:
- На малку загреано масло пропржете го ситно сечканиот кромид. По неколку минути додадете го изренданиот морков и ситно сечканиот лук. Динстајте околу 5 минути додека зеленчукот не омекне.
- Оризот добро измијте го и измешајте го во тавата со зеленчукот. На крајот додадете ги мелените ореви и зачинете.
- Пиперките измијте ги, исчистете ги од семки (чувајте ги капачињата) и наполнете ги со смесата. Редете ги исправено во длабоко тенџере или тава за печење.
- Во тавата каде што се пржеше зеленчукот сипете околу 2 литри вода, додадете го сокот од домати и лажицата брашно, па промешајте. Со оваа течност прелијте ги пиперките (да бидат до половина во вода).
- Затворете ги со капачињата и ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 45 минути.

