
Големиот пожар што вчера беснееше во атарите на пробиштипските села Неокази, Бучиште и Ратавица е изгаснат, но зад себе остави сериозни материјални штети. Според командирот на ТППЕ Пробиштип, Милан Терзиќ, пожарот бил изгаснат синоќа околу 20 часот, а денеска екипите вршат контроли и го догаснуваат она што останало од огнената стихија.
-
La Linea v13
699 ден
524.25 ден
Пожарот бил пријавен вчера околу 11 часот во атарот на селото Неокази, каде што првично горела нива со жито. Поради сувата трева и ветерот, огнот брзо се проширил и зафатил површини во три села.
Изгореа земјоделски површини, пчеларници и куќа
Првичните проценки покажуваат голема штета, иако точната висина сè уште не е утврдена. Терзиќ информира дека изгореле земјоделски површини, житни култури, овоштарници, лозја, пчеларници, но и инфраструктура како бандери, огради, струјни и водоводни водови.
Најтешка е состојбата во селото Бучиште, каде што целосно изгорела една куќа, а биле зафатени и други домови и објекти. Надлежните најавуваат дека во следните денови ќе се утврдуваат конкретните површини и штети.
Општината ќе бара прогласување елементарна непогода
Од понеделник Општина Пробиштип треба да се ангажира околу постапка за прогласување елементарна непогода. Целта е граѓаните да бидат охрабрени да ги пријават штетите, по што ќе се разгледува можноста за обесштетување преку општината и државата.
Терзиќ нагласи дека бројките сè уште не се конечни и дека е рано да се зборува за точна проценка. Сепак, според првичната слика од терен, станува збор за голема површина и сериозни загуби за жителите.
Во гаснењето помогнаа пожарникари, доброволци и ер трактори
Во гаснењето од земја учествувале пожарникари од Пробиштип и Штип, доброволни друштва од Кочани, Пробиштип и Виница, како и месното население. Дирекцијата за заштита и спасување се вклучила со три ер трактори, кои помогнале да се спречи ширењето на огнот кон Ратавица.
Полицијата и надлежните институции веќе излегле на терен за да ги утврдат причините за пожарот што околу 10 часа ги држеше во тревога селата Неокази, Бучиште и Ратавица. По огнената стихија, сега следува вториот тежок дел: проценка на штетите и помош за погодените жители.


