во

Постите или ги избегнувате јајцата? Ова се најдобрите замени за солени и слатки јадења што веќе ги имате во кујната

Без разлика дали постите, се храните вегански или избегнувате алергени, откажувањето од јајца не значи дека треба да се откажете од омилените палачинки, колачи, печива или прженици – со вистинската замена од вашата кујна резултатот може да биде уште подобар!
Берово те очекува
Pine & Co. – сместување во Берово, Македонија

Замената за јајца можеби веќе се наоѓа во вашата кујна, а да не сте ни свесни за тоа. Иако јајцата се важен извор на хранливи материи и еден од најчестите состојки во подготовката на солени и слатки јадења, постојат бројни причини поради кои луѓето ги исфрлаат од исхраната – кај некого тоа го наложува алергијата или нетолеранцијата (особено кај бебињата и малите деца, но понекогаш и во адолесценцијата или зрелата возраст), други избираат вегански начин на исхрана, додека многумина ги избегнуваат за време на верските пости.

Сепак, не е секоја замена погодна за секој рецепт. Во кулинарството јајцата имаат повеќе функции истовремено: ги поврзуваат состојките, му даваат структура на тестото, придонесуваат за неговата воздушестост, ја задржуваат влагата и им даваат златнокафеава боја на печивата. Особено во рецептите што бараат три или повеќе јајца нивната улога е клучна за структурата, па затоа алтернативата секогаш треба да се бира според тоа што јајцето треба да постигне во конкретното јадење.

Најдобри замени за јајца во теста, колачи и печива

За подготовка на теста, печива и десерти постојат неколку едноставни и достапни решенија кои одлично ја вршат работата:

  • Мелено ленено семе и вода: Измешајте една лажица мелен лен со три лажици млака вода и оставете ја смесата да отстои околу 20 минути. За тоа време таа ќе се згусне и ќе добие желатинозна структура слична на белка од јајце. Одлично ги поврзува состојките во палачинки, мафини, леб и интегрални колачи, додавајќи блага арома на јаткасти плодови.
  • Мелени чија семки: Кога ќе се измешаат со вода и ќе отстојат, создаваат густа смеса која служи како врзивно средство за палачинки, вафли, мафини и печива, но треба да се има предвид дека можат благо да ја затемнат бојата на тестото.
  • Трик за воздушеста структура: Ако сакате тестото подобро да нарасне, на комбинацијата од мелен лен или чија семки со вода додајте ѝ половина лажичка прашок за печиво.
  • Пченкарен скроб (густин): Две лажици густин можат да заменат едно јајце во рецептите каде што неговата главна улога е згуснување, како што се разни кремови, филови и одредени видови колачи.

Како да подготвите омлет и посни прженици без јајца?

Замената за јајца не е резервирана само за десерти – постојат одлични решенија и за омилените солени оброци:

  • Брашно од наут (леблебија): Еден од најпрактичните избори за солени јадења. Кога ќе се измеша со вода, се добива смеса чија густина потсетува на класичен омлет, а за побогат, благо сирест вкус може да се додаде и нутритивен квасец.
  • Посни прженици: Наместо во изматени јајца, кришките леб можете да ги потопите во смеса од брашно, сенф и вода. Оваа комбинација е одлична и ако сакате да ги испечете пржениците во рерна и да го избегнете пржењето на масло.
  • Тофу наместо варени јајца и кајгана: Ако ви треба замена за варени јајца во салати или сендвичи, одличен избор е цврстиот, чаден тофу. За вегански омлет попогоден е мекиот тофу во комбинација со куркума (за карактеристична жолта боја) и нутритивен квасец за полн вкус.

Банана, јаболко и авокадо како замена за јајца

Овошјето исто така може да послужи како одлична алтернатива, особено во слатките рецепти каде што се бара дополнителна влажност и мекост:

  • Пире од банана: Половина зрела испасирана банана заменува едно јајце. Таа ги поврзува состојките и дава природна слаткост и влага, но нејзиниот вкус останува забележлив во готовиот колач.
  • Пире од јаболко: Околу 65 грама пире од јаболко може да се употреби наместо едно јајце во колачи и теста на кои им е потребна сочност, со предност што има поблаг вкус од бананата и не влијае врз аромата на десертот.
  • Пасирано авокадо: Поради кремастата структура и здравите масти, авокадото придонесува за побогата текстура и подолго задржување на свежината и мекоста на тестото.
  • Масло, вода и прашок за печиво: Кога е најважно тестото да добие на волумен и да нарасне, комбинацијата од растително масло, вода и прашок за печиво е најефикасното решение.

Замената за јајца не мора да биде ниту комплицирана ниту скапа – со правилен избор на состојката според намената во рецептот, и за време на пост или посебен режим на исхрана можете без проблем да уживате во сите омилени вкусови.

Кул Маици - Попуст -25%

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ДНЕВЕН ХОРОСКОП ЗА 29 НОЕМВРИ: Раковите повлекуваат кочница, Јарците максимално одмораат

Почна Божиќниот пост: Предлог посен мени-план за 7 дена – од пастрмка и рибја чорба до грав на вода и компируша