во ,

Македонија ги слави двата Илиндена: 123 години востание, 82 години АСНОМ

Македонија денеска, 2 август, го одбележува Илинден – Денот на Републиката, празник што ги поврзува двата темелни моменти во македонската државност. Се навршуваат 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ.

Супер Попуст -25%

Свечености се организираат во Крушево, Пелинце и Скопје, каде државни делегации ќе положат цвеќе и ќе им оддадат почит на илинденците, асномците и сите борци вградени во создавањето на македонската држава.

Централната прослава на Мечкин Камен

Централното чествување традиционално се одржува во Крушево. Програмата започнува со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“.

Во храмот „Свети Никола“ е предвидена панихида, по што чествувањето продолжува со голем народен собир на Мечкин Камен.

Пред Споменикот на бранителите на Крушевската Република ќе биде интонирана државната химна, а свое обраќање ќе има потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски. Во културно-уметничката програма е најавен настап на Националниот ансамбл „Танец“.

Мицкоски на одбележувањето во Пелинце

Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце се одбележуваат 82 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија.

На свеченоста е најавено обраќање на премиерот Христијан Мицкоски, како и положување цвеќе пред спомен-обележјата посветени на асномската генерација.

Сиљановска-Давкова на чествувањето во Скопје

Во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.

Претседателката ќе има обраќање на свеченоста пред споменикот на Ченто на плоштадот „Македонија“.

Илинденското востание и десетте слободни дена

Камбаните во Крушево го означиле почетокот на востанието во ноќта спроти Илинден во 1903 година. Востаниците го ослободиле градот, а била формирана Крушевската Република со Никола Карев на нејзино чело.

Републиката траела десет дена, но нејзиното историско и симболично значење останало многу подолго. Битката на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули станале симболи на отпорот и борбата за слобода.

АСНОМ ги постави темелите на современата држава

Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Свети Прохор Пчински“ било одржано Првото заседание на АСНОМ.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, а бил избран Президиум предводен од Методија Андонов-Ченто. Со усвоените одлуки била потврдена државноста на Македонија како рамноправна федерална единица во тогашната југословенска федерација.

Македонскиот јазик доби статус на службен јазик

Меѓу најзначајните одлуки на АСНОМ било Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава.

Била усвоена и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија, документ што ги утврдил принципите на еднаквост, слобода и граѓански права.

Традиционална иселеничка средба во Трново

Во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново традиционално се одржува Светската македонска иселеничка средба.

Собирот ги поврзува Македонците од земјата и од дијаспората, како и Македонците со потекло од Егејскиот дел на Македонија, кои на Илинден се собираат за да ја одбележат заедничката историја и културното наследство.

Сподели:
Есенски Попуст -25%

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Денеска е Илинден: Се празнува Светиот пророк Илија

Брза фритата со зеленчук: Сочен оброк готов за помалку од половина час