
Комисијата за заразни болести предупреди дека во наредниот период во Гостивар може да се појават случаи на хепатит А и хепатит Е како задоцнета последица од загадувањето на водата.
-
Пулсот на пивото
699 ден
524.25 ден
Засега нема потврдени случаи на овие заболувања и не е прогласена епидемија на жолтица. Сепак, здравствените власти најавуваат засилен надзор поради долгиот период на инкубација на вирусите.
Околу 3.850 жители побарале лекарска помош
Според претседателката на Комисијата, Жаклина Шопова, во изминатите десет дена околу 3.850 жители побарале лекарска помош поради дијареа, повраќање, мачнина и други стомачни тегоби.
Бројот на нови пациенти постепено се намалува, но лекарите предупредуваат дека по бранот цревни инфекции може да се појават и други заболувања што се пренесуваат преку загадена храна или вода.
Хепатит А најчесто се пренесува преку контаминирана вода и храна, а симптомите можат да се појават приближно еден месец по заразувањето. Кај хепатит Е, периодот на инкубација може да трае од две до десет недели.
Кои симптоми не треба да се игнорираат
Од Комисијата појаснуваат дека предупредувањето не значи дека во Гостивар веќе има епидемија, туку дека ризикот ќе остане присутен и во следните недели.
Граѓаните треба да побараат лекарска помош доколку забележат пожолтување на кожата или белките на очите, темна урина, изразен замор, мачнина, губење апетит или болки во стомакот.
Кај досегашните пациенти сè уште не е утврден единствен причинител на масовните цревни инфекции. Во дел од примероците биле изолирани астровирус и шигела, но наодите не се исти кај сите заболени.
Водата и натаму не смее да се користи
Комисијата повторно апелираше водата од гостиварскиот водовод да не се користи за пиење, подготовка на храна, миење заби или правење пијалаци.
Забраната треба да се почитува сè додека надлежните институции официјално не соопштат дека водата е здравствено исправна и повторно безбедна за употреба.


