во ,

Скопје памети: 63 години од утрото што засекогаш го промени градот

Скопје денеска се сеќава на утрото што засекогаш го промени градот, но и на светската солидарност што помогна повторно да се издигне.

Скопје денеска одбележува 63 години од катастрофалниот земјотрес што на 26 јули 1963 година го разурна градот. Во трагедијата загинаа 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени.

Супер Попуст -25%

По повод годишнината, делегација на Собранието, составена од пратениците Сергеј Попов и Даниела Николова, ќе положи венец пред Споменикот на жртвите на Градските гробишта во Бутел.

Во рамки на централното комеморативно чествување, цвеќе ќе положат и претставници на Град Скопје, оддавајќи им почит на жртвите и нивните семејства.

Фотографии и сведоштва од утрото на катастрофата

Вечерната програма започнува во 19:30 часот во Музејот на град Скопје со отворање на изложбата „63 години – Скопје ‘63“, чиј автор е Зоја Богдановска.

Преку автентични фотографии и архивски материјали, поставката ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и спасувачките акции. Во фокусот се човечките приказни и емоциите од денот што ја смени историјата на главниот град.

Во 20:30 часот ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“. Таа содржи досега неприкажани фотографии на Васил Хаџиманов од погребните и тажачките обреди по земјотресот.

Ќе биде промовирано и дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г.“, создадено од архивските материјали на Васил Хаџиманов. Автори на изданието се Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

Концерт посветен на песните за Скопје

Одбележувањето ќе заврши во 21 часот со концертот „Скопје радост моја“ кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк. Програмата ќе биде посветена на легендарните шлагери на Драган Мијалковски.

Катастрофалниот земјотрес го погоди Скопје во 5 часот и 17 минути. Помали потреси продолжиле до 5 часот и 43 минути.

Биле урнати 15.800 станови, а уште 28.000 биле оштетени. Повеќе од 200.000 жители останале без покрив над главата.

По катастрофата, помош пристигнала од бројни земји, претворајќи го Скопје во симбол на меѓународната солидарност и заедничката обнова.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Роботи првпат успешно изведоа операција: Следниот голем чекор е лекување луѓе

Смртоносен напад во срцето на Берлин: Комбе влета меѓу учесници на Парадата на гордоста