
Можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање повторно ја разгоре дебатата за иднината на пензискиот систем во Македонија. ССМ остро се спротивставува на идејата граѓаните да работат до 72 години за да се покрива дефицитот во Пензискиот фонд.
-
La Linea v2
699 ден
524.25 ден
Од синдикатот порачуваат дека продолжувањето на работниот век нема да ги реши суштинските проблеми во системот. Наместо тоа, бараат повеќе модели за пензионирање според стажот, професијата и условите за работа.
„Работа речиси до крајот на животот“
ССМ како аргумент го посочува очекуваниот животен век во земјата, кој според Статистичкиот годишник за 2025 година изнесува 76,63 години.
„Па дали тоа е идејата, наместо пензија, работа до крајот на животниот век?“, прашуваат од синдикатот.
Сегашните услови предвидуваат старосна пензија на 64 години за мажи и 62 години за жени, со најмалку 15 години пензиски стаж.
ССМ предлага пензионирање според стаж
Синдикатот бара можност мажите да заминуваат во пензија со 40 години работен стаж, а жените со 35 години, без оглед на возраста.
Меѓу предлозите се и предвремено пензионирање, неполна старосна пензија, докуп на стаж и бенефициран стаж за работниците во градежништвото и другите професии со тешки и ризични услови.
Милијарди денари недостигаат во Фондот
Пензискиот систем се соочува со силен финансиски притисок. Според податоците од Државниот завод за ревизија, во 2024 година приходите од придонеси изнесувале 71,4 милијарди денари, додека расходите за пензии надминале 90,2 милијарди денари.
Разликата се покрива од државниот буџет. Во земјата има околу 348.512 пензионери и приближно 556.294 осигуреници, односно околу 1,63 вработени на еден пензионер.
Владата сè уште нема конечна одлука
Можните реформи се разгледуваат додека ММФ и Светската банка подготвуваат нови анализи за одржливоста на системот.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека нема конечна одлука за промена на условите, но дека зголемувањето на старосната граница може да се појави како препорака.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека дел од реформите би можеле да го опфатат и вториот пензиски столб и начинот на користење на средствата во приватните пензиски фондови.
Синдикатот бара други извори на приходи
ССМ предлага посилна борба против сивата економија, подобра наплата на придонесите, отворање нови работни места и раст на платите.
„Не може без волја на работниците да се продолжува работниот век и да се одложува заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики од минатото“, порачаа од синдикатот.


